Македонски Телеком со стабилен раст во 2022 година
- Детали
- четврток, 23 февруари 2023
Македонски Телеком ја затвори 2022 година со инвестиции во нови технологии, ширење на мрежата, раст на корисничката база и лидерска позиција во повеќето сегменти. Приходите од продажбата се зголемени за 5 проценти во споредба со претходната година и изнесуваат 11,8 милијарди денари.
Негативните ефекти од глобалните економски трендови и зголемувањето на цената на електричната енергија се одразија врз оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA), којашто е намалена за 3,4% во споредба со истиот период од претходната година.
Инвестиции за иднината – ширење на 5G и оптичката мрежа
На крајот на 2022 година, компанијата го оствари предвидениот план за ширење на 5G мрежата и им овозможи на корисниците широк пристап до најновата технологија. Првата и најголема 5G комерцијална мрежа во Македонија сега е достапна во 27 града и нивните околини, а во поголемите градови таа е и со гигабитни брзини.
Паралелно со мобилната се ширеше и оптичката мрежа. На крајот на 2022 година, овозможени се повеќе од 274 илјади пристапи до оптика, што е зголемување за 11% споредено со претходната година.
Раст на бројот на корисници
Годинава, корисничката база порасна во сите сегменти. Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 3 проценти и изнесува 203 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи порасна за 2,9 проценти.
Во мобилните комуникации, базата на корисници е зголемена за 4,3 проценти, со што бројот на корисници достигна 1.2 милиони. Во фиксната телефонија, остануваме на лидерската позиција со 225 илјади корисници.
Македонски Телеком останува лидер и на пазарот на ТВ услуги со удел од 33,6%. На крајот од 2022 година, се бележи зголемување за 1,2 проценти со што вкупниот број на корисници е 148 илјади.
Забрзан развој на ИКТ сегментот
Продолжува позитивниот тренд и во ИКТ сегментот. Користењето ИКТ и Cloud решенија и услуги ги зголеми приходите од системска интеграција и ИТ услуги за дури 35,8 проценти во споредба со минатата година. Позитивниот тренд се должи на зголемените приходи од ИКТ проекти, како што е „Паметен град“.
Одговорни кон општеството и животната средина
И оваа година активно работевме на еднакво дигитално општество и на намалување на штетните влијанија врз животната средина. Преку проекти за намалување на дигиталниот јаз допревме до речиси 30 илјади корисници. Како дел од нашата заложба да се грижиме за животната средина, во 2022 година, заедно со корисниците започнавме еко-акција за собирање и рециклирање стари уреди и за обнова на опожарените региони. Собравме над 15 000 стари уреди и засадивме 25 000 нови дрва за обнова на опожарените региони. Ова е наша долгорочна стратегија којашто ќе продолжи да се реализира и во наредните години.