Копаоник – планина на дланка!
- Детали
- вторник, 07 февруари 2023
Копаоник, еден од најпопуларните скијачки центри како во Србија така и во регионот, ги повикува сите љубители на скијањето, од почетници до професионалци!
Скијачкиот центар Копаоник има ски патеки во вкупна должина од околу 64 километри, поврзани со систем од 24 модерни жичарници и ски-лифтови, со капацитет од над 34.000 скијачи на час, а во случај да нема доволно снег, тука се најмодерните топови и фрлачи за вештачко правење на снег.
Глетката додека се качувате со жичара до Панчиќев врв останува незаборавен спомен, а слободно може да се каже дека Копаоник, гледан од оваа преспектива, е планина на дланка.
Ноќното скијање е посебно искуство, кое ви препорачуваме да го доживеете. За ноќното скијање осветлени се патеките Панчиќ 4б, Мало језеро и Караман гребен.
Покрај патеките за алпско и нордиско скијање, скијачкиот центар Копаоник има и организиран снежен парк, најголем од ваков вид во Србија, но и во околните земји, наменет за freestyle скијачи и сноубордери.
Комбинацијата од незаборавни доживувања, омилени снежни спортови, адреналин, сонце и забава гарантира уникатно искуство за посетителите на овој прекрасен туристички центар, преку разни зимски активности, покрај скијањето, како што се санкање, возење со боб по шини, тубинг, возење со моторни санки итн. Исто така, такси ратрак, со големо задоволство, ќе ве однесе на малку поспецифично возење низ Копаоник, доколку сте расположени за ваков тип на авантура.
Туристичката понуда на овој прекрасен зимски центар е прилагодена за семејства со деца. Во Детскиот град децата можат да уживаат во игрите на снег, а за најмалите скијачи и почетници има три „ски градинки“ со подвижни ски ленти. Првите чекори на ски патеката најдобро се совладуваат со игра, дружење и забава.
Копаоник располага со голем број сместувачки капацитети, од апартмани и викендички, одморалишта до најлуксузните хотели во центарот и викенд населбата која е на оддалеченост од околу 4 километри од центарот. По завршување на целодневните зимски авантури, гостите можат да се препуштат на првокласни третмани за релаксација во велнес центрите, да ги користат модерните фитнес центри, да уживаат во закуска и топол пијалок и да ги пробаат традиционалните јадења од регионот.
Близината на Јошаничката Бања, која се наоѓа на падините на Копаоник, ја заокружува уникатната туристичка понуда, со која во еден ден можете да скијате и да уживате во благодетите на термалните извори.
Доколку ги сакате снежните врвови на планината, несекојдневните зајдисонца, чувството на адреналин и слобода, ви препорачуваме да го посетите и истражите Копаоник и во текот на летните месеци. Голем број на летни активности представуваат вистинско уживање за децата и возрасните: адреналинска содржина; боб санки на шини, тјубинг, зип лајн, mountain cart, авантуристички парк, трим патеки, панорамско возење со жичарница “Панчиќев врв“. Љубителите на скијањето можат да уживаат во својот омилен спорт на летната ски стаза. Посетителите можат да доживеат авантура, забава и адреналин во возење на квад, алпинизам, параглајдерство, велосипедски тури, стрелаштво. Копаоник можете да го истражите преку различни авантуристички и пешачки тури. Разновидната туристичка понуда, чистиот планински воздух, пријатната клима и природните убавини се доволни причини да го изберете Копаоник како дестинација за летен одмор.
Одморот на Копаоник претставува незаборавно искуство, природна убавина со модерна и богата туристичка понуда. Најголемиот скијачки центар во Србија е вистинскиот избор за квалитетен зимски одмор и најубави искуства, приказна во која секој има свое посебно место.