Зошто се купува гас од бугарска фирма без соодветна лиценца за трговија?

Недоумиците и недоследностите на планот со набавката на природен гас не се намалуваат. Напротив, тенденцијата да се купува поскап гас од „Балкан Јутилитис“, која што државата ја чинеше над милион евра повеќе за јануари, продолжува и во февруари. Според последните проценки и во зависност од потрошувачката, државната компанија што раководи со топланите за енергенсот може да плати дополнителни еден до три милиони евра, сума што може да се избегне, доколку се следат берзанските текови.

zoshto-se-kupuva-gas-od-bugarska-firma-bez-soodvetna-licenca-za-trgovija-01.jpg

Jавниот повик за набавка на природен гас неодамна заврши, на него се пријавиле две фирми од Бугарија, а едната од нив не ја поседува соодветната лиценца за трговија со природен гас во земјава. Како и за јануари, во февруари енергенсот ќе се купува преку „Балкан Јутилитис“, меѓутоа, „Актаел“, втората компанија од источниот сосед што поднела понуда има лиценца само од бугарската регулаторна комисија, издадена на 23 јуни 2022 година. Таков документ компанијата за пазарот во Македонија не поседува, што значи дека таа и воопшто не ги исполнувала условите за да учествува на повикот.

За разлика од ова, „Макпетрол“соопшти дека не учествувале во повикот бидејќи не сакаат да бидат покритие на тендери што фаворизираат само една фирма. Македонската компанија со дел од медиумите сподели дека цената на „Макпетрол Пром-Гас“ вчера изнесуваше 71 евро за мегават-час. На јавниот повик, од друга страна, „Балкан Јутилитис“ понудиле 98,71 евра за MWhа, а „Актаел“ 99,83 eвра за MWh. Ова значи дека потрошувачка на максимално побараните 3.500 MWh државата ќе мора да плати речиси три милиони евра повеќе, односно 2.715.580 евра.

За „Актаел“ е симптоматично и што компанијата досега не закупила капацитет од бугарскиот оператор „Булгартрансгас“, а тоа е клучно ако истата има намера да го транспортира енергенсот до Македонија. Оттука, нејасно е како е можно да се дозволи ваква фирма да учествува на повикот, како и зошто таа воопшто би се пријавила да учествува во него, ако во меѓувреме не ги исполнила барем основните предуслови за да обезбеди гас во земјава, во случај да победи да тендерот.

Поврзаноста меѓу ЕСМ и „Актаел“, сепак, не започнува од овој јавен повик за набавка на гас. Оваа бугарска фирма во јули 2022 година на македонската државна компанија продала блок-трансформатор за РЕК Битола за речиси 6.5 милиони евра. И покрај тоа што се работи за значителни средства, за оваа набавка не е спроведен тендер, односно истата е направена со непосредна спогодба. Блок-трансформаторот доцнеше со испорака, што резултира со одложување на стартот со работа на третиот блок во РЕД Битола. За ова доцнење, државата ќе мора да плати околу 200 илјади евра пенали, а додека овој процес течеше, Македонија беше принудена да увезува струја за која што плати над 40 милиони евра.

Ако овие информации за „Актаел“ се земат предвид, како и фактот што државата повторно избра да купи гас по фиксна цена од „Балкан Јутилитис“, за којшто ќе плати милионски суми повеќе од потребното, се отвораат низа дилеми за исправноста на енергетската политика на државните институции. Прашање е дали некој ќе сноси одговорност за тоа што во текот на огромна криза, се трошат милиони евра за купување скап гас, а притоа енергенсот е најевтин на берзите.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg