Македонската Асоцијација на кинематографери на Фестивалот БалКам во Љубљана
- Детали
- петок, 20 јануари 2023
На иницијатива на Словенечката и Македонската Асоцијација на кинематографери, од 18 до 20 јануари во Кинотека на Словенија во Љубљана, се одржува третото издание на Фестивалот БалКам (Балканска камера), на кој се прикажуваат филмови од поранешните југословенски републики со акцен на кинематограферската работа и кинематограферите како автори.
На фестивалот свое учество зема и Македонската Асоцијација на кинематографери - МАК при Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), најстарото релевантно струково здружение од областа на филмското производство и останатите аудио-визуелни медиуми, чии цели се остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци кои делуваат на територијата на Македонија и во странство, како и обезбедување континуиран развој на филмската дејност, стимулирање и унапредување на филмската професија, промоција на филмската уметност и култура во нашата земја.
Македонската Асоцијација на кинематографери оваа година ќе учествува со филмови кои се снимени во Македонија од македонски кинематографери и поддржани од Агенцијата за филм на РС Македонија.
Проекциите на МАК стартуваат на 19. јануари (15 часот) со краткометражниот игран филм „Северен пол“ од кинематограферот Владимир Самоиловски. Следниот ден, на 20 јануари (19 часот) ќе бидат прикажани долгометражниот игран филм „Мими“ на кинематограферот Дејан Димески и студентскиот краток игран филм „Прогестерор“ на кинематограферот Димитар Атанасоски од ФДУ – Скопје, чија проекција е закажана за 15 часот. Последниот филм со кој ќе се претстави Македонската Асоцијација на кинематографери е „Тетовирање“, на кинематограферот Мишо Самоловски, а ќе биде прикажан на 22. јануари (недела) со почеток во 15 часот, во рамките на програмата „Филмска Легенда“.