Екологистите бараат строги контроли за да се спречи загадувањето со мазут од топлана Скопје Север
- Детали
- среда, 23 ноември 2022
За граѓаните на Скопје, нејасната ситуација со парното греење значи дека нивното здравје и понатаму ќе биде оставано во втор план, дека еколошките ветувања и борбата за чист воздух ќе биде заборавена, а користењето алтернативни горива, како мазутот, многу лесно може да стане секојдневна практика. Така, на пример, топланата Скопје Север веќе користи мазут за да произведува топлина иако овој енергенс се вбројува меѓу најголемите загадувачи.
фото: depositphotos.com
Оваа топлана како дел од нејзината интегрирана еколошка дозвола може да користи мазут како алтернативно гориво, но само под одредени услови и во краток временски период. Дали тоа навистина се почитува, се сомневаат и дел од еколошките активисти.
- Нема информации од Град Скопје дека нешто од ова е направено. Го повикуваме Инспекторат на град Скопје да извршат инспекција и извршат мерења на емисиите во воздух, а Државен Пазарен Инспекторат со државната мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива да го провери квалитетот на мазутот. Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето - објавија од „О2 иницијатива“ на својата официјална Фејсбук-страница.
Грејната сезона е во полн ек, но начините на кои што ќе се произведува топлина за скопјани се далеку од јасни и во полза на здравјето на граѓаните. Сето тоа ќе се случува и покрај тоа што топланите имаат можност примарно да функционираат користејќи природен гас, чиешто загадување е незначително во споредба со мазутот.
Како што изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, приоритет за владата е да не се создадат ситуации во кои што би се користело алтернативно гориво за топланите Исток и за Запад. Доколку тоа, сепак, се случи, според него треба да биде согласно процедурите, за што има надлежни институции.
- Скопје Север е во сопственост на Топлификација која е во приватна сопственост. Во делот на тоа што користат како енергенс за да произведуваат топлинска енергија, има надлежни институции согласно нивните лиценци кои треба да ги проверат дали се прекршуваат одредбите предвидени во лиценцата, во дозолата која ја имаат за производство на топлинска енергија - рече Бектеши.
Користењето на мазутот, притоа, се случува во временски период кога цената на природниот гас е значително намалена, со што паѓаат во вода тезите дека мазутот како алтернативно гориво е поисплатлив. Уште позначајно, состојбите на енергетски план не се нови, што значи дека политиките и одлучите што се носат на ова поле се задоцнети и несоодветно осмислени.