Улицата Џон Кенеди во Чаир ќе се пробива низ ромското маало за да се спои со пластичарска
- Детали
- сабота, 01 мај 2021
Улицата Џон Кенеди ќе се пробива низ ромската населба во Чаир за да се спои со булеварот Никола Карев или познатата Пластичарска улица. Град Скопје почнува со постапка за изработка на проект за оваа нова улица, кој ќе биде основа за нејзина изградба, за што беше склучен договор за меѓуопштинска соработка со општините Чаир и Карпош.
Фото: СДК.МК
Улицата Џон Кенеди ќе се пробива низ ромската населба во Чаир за да се спои со булеварот Никола Карев или познатата Пластичарска улица. Град Скопје почнува со постапка за изработка на проект за оваа нова улица, кој ќе биде основа за нејзина изградба, за што беше склучен договор за меѓуопштинска соработка со општините Чаир и Карпош.
Се предвидува улицата Џон Кенеди да продолжува од крстосницата со улицата Македонско-косовска бригада до булеварот Никола Карев кај Американската амбасада. На трасата сега се наоѓаат куќи од ромското маало, а за нејзина изведба триесетина ќе бидат урнати, а сопствениците ќе бидат обесштетени. Улицата ќе биде со четири коловозни ленти, по две во двата правци и како што вели градоначалникот Петре Шилегов ќе се овозможи брз проток на сообраќајот во овој дел.
„Пробивањето на оваа улица е дел од визијата и коридорите кои ги градиме во северниот дел од градот, со цел да овозможиме побрз проток на сообраќајот и пократко време за патување. Овој дел од Скопје со години бил запоставуван. Во моментов го прошируваме булеварот Никола Карев, работиме на улицата Македонско-косовска бригада и очекувам годинава да завршиме со проектирање на новата улица и догодина да стартуваат градежните работи. Со тоа ќе заокружиме една целина во овој дел кој години наназад е тесно грло“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Град Скопје минатата недела го распиша и тендерот за изградба на клучката кај Момин поток вреден 18 милиони евра. Шилегов вели дека станува збор за капитален проект за Скопје бидејќи во овој дел односно кај „Хубо Маркет“ и крстосницата кон Визбегово се најголемите гужви во Скопје, а според пресметките тука дневно минуваат 25.000 возила.
„Клучката ќе биде на две нивоа и ќе се изведува во ридот. До крај на мај ќе завршиме со проширување на улицата Никола Карев и летово го стартуваме овој проект кој за 2,5 години не само што ќе му даде нов лик на градот туку ќе отвори нови коридори. Исто така со ваква инфраструктура ќе овозможиме и поттикнеме ширење на градот во овој дел, што е и моја заложба, двете страни на Вардар да бидат еднакво атрактивни за градба. Имајќи предвид дека добар дел од овој простор потпаѓа под општините Карпош, Центар и Чаир, со реализација на ваквите проекти ќе се оневозможи во иднина да имаме узурпација на просторот од нестандардна градба, ќе се намали притисокот во деловите кои се веќе изградени, а истовремено Карпош и Центар ќе добијат нов простор за урбан развој“, додава Шилегов.
Извор: СДК