Нов предизвик на ФИТР: „Стартап херои” - Од супер идеја до супер маркет

Можност за малите стартап претпријатија за комерцијален пласман на нивниот производ

nov-predizvik-na-fitr-startap-heroi-od-super-ideja-do-super-market-01.jpg

За прв пат во земјата, Фондот за иновации и технолошки развој започнува еден поинаков предизвик, насловен како „Стартап херои“ , прв проект кој се спроведува во рамките на Програмата за корпоративна иновативност. Предизвикот се реализира во соработка со Тинекс а поддржан е од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и  Фактор траст -финансиско друштво за факторинг.

„Стартап херои“ е вистинска можност за малите стартап претпријатија кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, преку предизвикот, да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба во маркетите на Тинекс. Сите наградени производи  ќе се најдат на посебно обележани полици, на однапред дефинирани продажни локации на Тинекс и ќе добијат соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција на производите. Соработката подразбира и вклучување на производите во интегрирана дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети.

„Ги охрабрувам сите млади претприемачи кои веруваат дека нивниот производ заслужува вистинска шанса и комерцијален пласман, да аплицираат на предизвикот. Сигурен сум дека, ние како земја, имаме извондредни домашни производи, кои можат да се најдат на полиците низ маркетите, а сепак да ја задржат својата уникатност и препознатливост. Токму на овие креативци, заедно со нашите партнери Тинекс, Фактор траст и ИМЕ ќе им ја обезбедиме неопходната финансиска и техничка поддршка, ќе им го олесниме пристапот до нови купувачи и нови пазари и ќе им понудиме решенија за нивните комерцијални предизвици. Горди сме што за само 2 месеци од објавување на програмата за корпоративна иновативност, веќе го имаме првиот корпоративен партнер. Во оваа прилика сакам да ги повикам и останатите компании да ни се приклучат и заеднички да ја трансформираме македонската стартап заедница.“ - изјави Коста Петров, директот на Фондот за иновации и технолошки развој.

Буџетот предвиден за овој предизвик изнесува 7 милиони денари од кои ФИТР обезбедува шест а ИМЕ еден милион, со максимален износ по апликација од 600,000 денари. На повикот можат да аплицираат компании кои од своето основање до моментот на поднесување на апликацијата, не се постари од шест години. Во однос на условите, подобни се  стартапи чии производи не се комерцијално достапни за продажба во ланците на маркети во земјата и странство. Годишните приходи на претпријатието треба да не надминуваат 500.000,00 (петстотини илјади) евра во денарска противвредност, според финансиските извештаи за претходните две фискални години (2019 и 2020 година).

Дел од производите за кои компаниите ќе можат да побараат финансиска поддршка се: кондиторски производи, органска и здрава храна, алкохолни и безалкохолни (макс. 15%аlc.), основни прехрамбени продукти, конзервирани производи, козметички производи и итн.

„Горди сме што нашата компанија Тинекс е дел од проектот „Стартап Херои“.  Во соработка со ФИТР и Програмата за зголемување на пазарна вработливост отвораме можности за пласман на домашните иновативни производители кои својата идеја ја претвориле во производ за кој постои потенцијал за успех на пазарот. Даваме поддршка на нашите „Стартап Херои“ и веруваме дека преку вакви соработки го поттикнуваме развојот на стартап заедницата во земјата и отвораме нови перспективи на корпоративното делување.“-  изјави Цветанка Христовска, Бренд директор на Тинекс МТ Дооел.

Христовска додаде и дека промоцијата ќе трае една година што ќе придонесе за поголема продажба на производите.

„Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ се вклучува со поддршка во реализација на проектот Стартап Херои. Преку програмата, освен финансиската поддршка од еден милион денари, дополнително ќе обезбедиме и менторска поддршка за одбраните стартапи и стручни совети за финализација и зголемување на атрактивноста на нивните производи. Целта на оваа поддршка е одбраните стартапи да станат поуспешни добавувачи, да го подобрат процесот на работење и да понудат поатрактивни и поконкурентни производи во супермаркетите.“, посочи Горан Дамовски раководител на швајцарската програма ИМЕ.

Рокот за аплицирање на предизвикот „Стартап херои” е до 25.05.2021год, до 14.00ч. Сите заинтересирани можат да добијат дополнителни информации на линкот.

За потсетување, Програмата за корпоративна иновативност на Фондот за иновации и технолошки развој  овозможува воспоставување на партнерства и јакнење на соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартапите, новооснованите трговски друштва. Програмата има за цел поттикнување на иновативните проекти и нивна соодветна примена, размена на искуства и знаења, унапредување на бизнисот, раст и развој на двете страни. Претставниците од корпоративниот сектор во текот на целата година можат да аплицираат на Програмата,  со доставување на пополнет образец со основни податоци за компанијата, област на делување и краток предлог-концепт за партнерство или соработка со Фондот.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg