Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје co нов член
- Детали
- петок, 02 април 2021
М-р Санел Кустурица е назначен за нов член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје на 26.03.2021 година.
Како член на Управниот одбор, М-р Санел Кустурица ќе биде надлежен за активностите поврзани со работа со корпоративни клиенти и управување со имот и безбедност.
Својата импресивна банкарска кариера ја започнува во 1999 година како дел од Микро Ентерпрајз Банка АД Сараево, Босна и Херцеговина, каде извршувал неколку функции поврзани со кредитирање, а во 2001 година бил назначен за Директор на секторот за кредитирање. Оваа функција ја извршувал до 2003 година, кога станал дел од Управниот одбор и Извршен директор во Прокредит Банка АД Сараево. Во 2006 година Кустурица е именуван за Директор на секторот одговорен за големи корпоративни клиенти и клучни клиенти во УниКредит Загребачка Банка. Во 2007 година станува Извршен директор и член од Управниот одбор на ХВБ-Централ Профит Банка, а од март, 2008 година е назначен за Извршен директор и Член на Управниот одбор на УниКредит Банка БиХ.
Кустурица станува дел од Ерсте и Штаермеркише Групацијата во јуни 2009 година, со неговото именување за Извршен директор и Член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД БиХ, каде во септември истата година е назначен за Генерален извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Банката, заклучно со јануари, 2021 година.
Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје е дел од Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, која бележи речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Р. Австрија и претставува синоним за стабилност, сигурност и континуитет во работењето со изграден и препознатлив бренд.