Ова не е само игра, ова не се само играчи, ова е нашиот спорт и нашето семејство – те повикуваме да станеш дел од нашето рагби семејство
- Детали
- четврток, 25 март 2021
Skopje Wild Boars ја пишуваат македонската рагби историја веќе трета година. Пред формирањето на клубот, Македонија беше една од малкуте земји на светско ниво во која што рагбито не беше дел од националната спортската сцена.
За почетоците:
Пред 3 години по иницијатива на сегашниот претседател на клубот, инаку бивши полупрофесионален рагби играч, Џејмс Холт, се основаше Skopje Wild Boars. Клубот беше формиран од неколку македонски и странски играчи кои сеуште се дел од тимот и до денес.
Првиот тренинг го организравме како јавен повик кон сите вљубеници во овој спорт и ентузијасти, луѓе кои би сакале да пробаат нешто ново. Во тоа време немавме терен, немавме опрема, имавме неколку рагби топки и голема желба да направиме нешто за промоција на спортот во нашата држава.
На тој прв тренинг на наше огромно задоволство и изненадување, на отворениот простор во Градски Парк, се појавија 18 нови луѓе кои сакаа да ни се придружат и кои ни дадоа надеж и сила да продолжиме понатаму.
*Еден од првите тренинзи во Градски Парк
Повеќе детали за рагби (union) како спорт:
Натпреварот се игра помеѓу две екипи составени од по 15 луѓе. Се игра на големина на фудбалско игралиште, со тоа што наместо голови, постојат вертикално, високо исправени гол постови.
Интересно е што спортот иако е груб и како игра делува многу насилен, сепак се базира на многу почит помеѓу спротиставените страни. Исто така, во текот на натпреварот освен капитенот на тимот, никој друг не смее да му се обрати на судијата. Значи за секоја замерка, играчот му се обраќа на капитенот, па потоа тој бара збор кај судијата. Нема викање, нема надмудрување, пцуење или физички пресметки.
Исто така, рагбито е спорт базиран на инклузивност, како во светот, така таа инклузивност ја пресликува и нашиот тим составен од играчи од Македонија, Јужна Африка, Велс, Англија, САД, Турција, Грузија, Австралија, Италија итн. Третманот е апсолутно еднаков за сите без разлика на физичките предиспозиции на играчите, нивната возраст, вера, боја на кожа, националност.
Нашиот тим е наше семејство. Заедно поминуваме низ добро и низ лошо и се грижиме за добродетта на играчите, за нивното физичко и ментално здравје. Стресот од секојдневните работни обврски го оставаме на терен, целото срце и сила ги даваме во натпреварите, а по завршувањето на истите сложно со противничките екипи уживаме во ладна чаша пиво.
Каде сме денес и што понатаму:
Заради КОВИД-19 паузиравме со натпревари, но пред да започне пандемијата 2 години успешно игравме Косовски Куп. Во 2019та година го организиравме и првиот женски турнир во рагби на стадионот „Локомотива“ во Карпош 3, каде што ревијално се играше натпревар помеѓу „Rebels” од Солун, соседна Грција и мешан тим од Скопски Wild Boars играчи и Приштинскиот Bears играчи.
Освен гостувањата во Пеќ и Приштина, бевме гости и во Бугарија каде се натпреварувавме рамо до рамо со 5 бугарски екипи. Во моментов, ги следиме препораките за заштита од Ковид 19 и одржуваме тренинзи во согласност со сите мерки кои треба да ги превземеме.
Се посветуваме на општествено одговорна работа и волонтеризам и искрено се надеваме дека што поскоро ќе се фатиме „во клинч“ со нашите противници и повторно нашите навивачи ќе не бодрат на трибините.
*По натпревар со тимот Bears од Приштина