Избрани тројцата добитници на стипендијата „Борис Трајковски-НОВА“ кои ќе се школуваат во Меѓународното училиште „НОВА“

Две ученички од Скопје и еден ученик од Прилеп се добитниците на стипендијата „Борис Трајковски-НОВА“ за 2021 година со која целосно ќе им бидат покриени трошоците за четиригодишното средно образование во Меѓународното училиште „НОВА“.

izbrani-trojcata-dobitnici-na-stipendijata-boris-trajkovski-nova-koi-kje-se-shkoluvaat-vo-megjunarodnoto-uchilishte-nova-01.jpg

По двата круга на селекција во кои се оценуваа академските, лидерските и личните особини на пријавените ученици, тимот на оценувачи одлучи Калина Гоцевска од основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје, Искра Митевска од „Коле Неделковски“ од Скопје и Михаил Мирчески од „Кочо Рацин“ од Прилеп од следната година да го продолжат своето образование во „НОВА“.

Стипендијата која е воведена во чест на починатиот претседател Борис Трајковски годинава се доделува по 17. пат. Следејќи ги безбедносните протоколи поврзани со пандемијата на Ковид-19, оваа година процесот на селекција целосно се одвиваше онлајн, во две фази. Пред почетокот на аплицирањето, тимот на „НОВА„ организираше онлајн презентација на која го објасни целиот процес на аплицирање, а заинтересираните ученици имаа можност да поставуваат прашања.

Во првата фаза од процесот на селекција, пријавените кандидати испратија видео есеј во кој зборуваа за тоа кои се нивните цели при учењето низ соработка, што е една од главните вредности за кои се залага „НОВА. Покрај видеото, пријавените ученици испратија и кратко пишано согледување за тоа што научиле низ самиот процес на аплицирање. По селекцијата на повеќе од 100 пријавени кандидати во првата фаза, тимот за оценување избра 20 ученици коишто продолжија во втората фаза која се одвиваше во тек на неколку недели. Во овој дел, учениците низ тимска работа и спефични насоки креираа презентации насочени кон решавање на конкретен зададен проблем во Македонија: „Менталното здравје на младите“, „Емиграцијата како проблем во македонското општество“ и „Загадувањето во Македонија“. По завршувањето на презентациите, кандидатите беа тестирани во однос на нивното познавање на математиката и англискиот јазик, при што резултатите од овие тестови има важна улога во конечниот исход.

izbrani-trojcata-dobitnici-na-stipendijata-boris-trajkovski-nova-koi-kje-se-shkoluvaat-vo-megjunarodnoto-uchilishte-nova-02.jpg

Од „НОВА“ истакнуваат дека без оглед што годинашниот процес на избор на стипендистите беше поразличен од претходните години, кога селекцијата се вршеше со физичко присуство преку тестирање и работа во групи, пријавените кандидати го имаат дадено својот максимум во комплетирање на зададените задачи и подготовката на издржани презентации со иновативни методи за решавање на актуелните проблеми.

- Процесот за аплицирање беше одново обмислен и прилагоден на новите пандемиски услови, но истиот се покажа како исклучително функционален, овозможувајќи ни нов начин на запознавање на потенцијалните стипендисти. Тимскиот дух, почитта кон другите, и прифаќање на различностите се дел од вредностниот систем што го негуваме во „НОВА“, така што сметаме дека новите стипендисти според она што го прикажаа многу брзо ќе се вклопат во нашата меѓународна заедница. Една од главните цели на „НОВА“ е да создадеме силни индивидуи кои понатаму во животот ќе придонесуваат за унапредување и развој на целото општество, како во локални, така и во глобални рамки. Горди сме што секоја година имаме се поголем интерес за проектот за стипендирање , бидејќи тоа ни покажува дека во земјава имаме квалитетни ученици кои ги делат истите вредности со нашата заедница – велат од Меѓународното училиште „НОВА“.

izbrani-trojcata-dobitnici-na-stipendijata-boris-trajkovski-nova-koi-kje-se-shkoluvaat-vo-megjunarodnoto-uchilishte-nova-03.jpg

Стипендијата „Борис Трајковски - НОВА“, која се доделува секоја година, е наменета за сите ученици од прва година средно образование кои имаат одличен успех, одлично го владеат англискиот јазик, го почитуваат мултикултурализмот, отворени се за нови искуства и негуваат заеднички вредности со меѓународната заедница на училиштето „НОВА“.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg