„Алкалоид“ АД како пример за еднаквоста на жената во бизнис заедницата
- Детали
- сабота, 06 март 2021
Улогата на жените во бизнис заедницата станува сè поголема и позначајна, а многу компании ширум светот, но и кај нас се борат и ја ценат еднаквоста и ги препознаваат квалитетите и вредностите на кадарот во деловната средина, независно од полот.
Непосредно пред Меѓународниот ден на жената (8-ми Март), важно е да се поткрене свеста за улогата на жената на секое поле, а посебно да се истакне дека нејзиниот труд треба да биде подеднакво вреднуван и ценет, како и на мажите, кога станува збор за деловната сфера.
Жените, кои секојдневно се борат со стереотипи поставени од општеството и рушат предрасуди во бизнис сферата со своето знаење и моќ, се херои кои заслужуваат да бидат ценети за секој свој труд независно за кое поле станува збор.
И додека на многумина им треба уште многу време да се освестат дека и жените можат да го водат светот, дека и жените се подеднакво добри во бизнис светот како и мажите, некои компании тоа го покажуваат на дело.
Токму таква компанија е „Алкалоид“ АД, во која повеќе од 60% од вработените се токму жени, каде еднаквоста на вработените е независна од полот и е дел од деловната култура на компанијата, децении наназад.
Базата на „Алкалоид“ АД во Скопје брои 1.832 вработени, од кои 1.127 се жени, а од овие 1.127 жени, одбрани се четири дами од различни сектори во компанијата, кои ја споделија својата професионална, но и лична приказна.
Тие повикаа свои колешки и пријателки да споделат сопствени искуства од начинот на кој се соочуваат со предизвиците и се справуваат со рушењето предрасуди и комплексности од своето секојдневие со една главна цел – да направат позитивна разлика.
Секоја од овие жени е самоуверена, достоинствена, повеќе од еднаква!
Само со високи критериуми кон нови, повисоки достигнувања
Маја Стефкова
Менаџер за истражување, развој и регистрации во сегментот Билкарство
Уште за време на студиите на Фармацевтскиот факултет, моја најголема желба беше да работам во „Алкалоид“. Така и се случи. Умешноста на селектирање и на креирање нови формулации за брендот Good Nature се дел од моето секојдневие, во кое несебично ги вложив своето знаење, искуство и експертиза.
Креативноста и размената на идеи во компанија во која над 60 % од вработените се жени се катализатор на продуктивноста и на иновативноста во процесите. Поставените високи критериуми ме водеа напред кон нови, повисоки достигнувања. Во сите мои деловни потфати моја најголема поддршка е моето семејство.
Секој ден е нов предизвик, а мојата цел е да направам позитивна разлика
Теодора Јолакоска
Референт за бизнис-планирање, контрола и известување
На работното место секое утро доаѓам со позитивен став и со огромна желба да научам некоја нова вештина или да совладам нов предизвик. Во динамичното работно опкружување учам од искуството на другите, а како рамноправен член на тимот секогаш се трудам со својот придонес да направам позитивна разлика.
Жената во бизнис-заедницата повеќе не е тема која предизвикува сомнежи. Жената во бизнис-заедницата покажа знаење и достоинство храбро да се соочи со предизвикот на рушење предрасуди.
Одговорна, самоуверена и повеќе од еднаква!
д-р Сандра Чомовска-Мадевска
Раководител на Одделот за глобална фармаковигиланца
Комплексната проблематика на мојот делокруг на работење бара следење на најновите достигнувања во медицината и нивна примена во развојот на производното портфолио на „Алкалоид“.
Излегувањето од зоната на комфорот и соочувањето со ситуациите во кои треба да застанам исправено, да поместам граници и да покажам став се дел од моето секојдневие. Вербата во себе, вложувањето во сопствениот напредок, истрајноста, посветеноста и можноста деловно да се надоградувам во средина во која се ценат моите способности му даваат тежина на секој епитет кој го носи жената денес, не само како колега туку и како мајка, сопруга, ќерка, пријателка…
Фокус, дисциплина, посветеност и упорност
Маја Лазарова
Раководител на Одделот за пакување лекови во ПЦ Фармација
Прецизноста, концентрацијата и дисциплината се главните одлики на мојот работен ден. За мојата работа потребен е максимален фокус и цврста желба за приспособување на динамичното секојдневие. Научив дека пред секој предизвик мора да застанам одлучно, а посветеноста и упорноста се максимите кои ме водат напред.
Успеав да ги сплотам големината на својата улога во семејството и одговорноста во средината во која работам. Големината на својата мисла и на сопствениот глас во целина која ме прави повеќе од еднаква!