Македонска пошта почна со платниот промет

Во одделни подружници на Македонска пошта од денес граѓаните повторно можат да ги плаќаат своите сметки и да вршат други плаќања во готово.

makedonska-poshta-pochna-so-platniot-promet-01.jpg

Функцинирањето на платниот промет во Пошта, кој беше во неколкумесечен прекин, во првата недела од март ќе биде достапен во повеќе избрани подружници на Пошта и тоа: во Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на март услугата ќе биде достапна и во сите останати единици на Пошта. Со ова граѓаните веќе нема да мораат, како во изминативе месеци, да одат во некоја банка за да ги извршат овој вид плаќања, туку тоа ќе можат да го направат во најблиската пошта.

Платниот промет на Македонска пошта отсега ќе се одвива преку Халкбанк АД Скопје, која беше избрана за партнер на Пошта, а која, согласно потпишаниот договор имаше обрска до 1 март да го имплементира системот за наплата за Македонска пошта.

Македонска пошта до пред некој месец имаше исклучително важно место во платниот промет во земјава, односно, преку над 300 филијали колку ги има Пошта се одвиваше над 25% од вкупниот платен промет во земјава. Од Македонска пошта очекуваат дека за брзо време ќе се вратат на оваа позиција што ќе придонесе и за финансиско зајакнување на преторијатието.

„Пошта во соработка со Халкбанк обезбедува можност за плаќање на сметки, како и вршење на други финансиски трансакции со најниска провизија и тоа во повеќе од 300 точки низ државата. Голем број граѓани и компании изминатиов период апелираа да ја обновиме оваа услуга бидејќи постојат многу места низ целата земја каде нашите шалтери се единствената физичка опција за вршење на трансакции од платниот промет. И токму ова претставува голема одговорност и обврска која повторно ја преземаме. Убеден сум дека ова партнерство со Халкбанка, односно враќањето на платниот промет на листата на наши услуги ќе придонесе за одредено финансиско стабилизирање на Пошта. Истовремено очекуваме тоа да ни овозможи да започнеме да инвестираме во дигитализација на услугите, како и да воведеме платформа за е-трговија која ќе нè направи многу поконкурентни и во чекор со промените во начинот на вршење на поштенските услуги ширум светот“, изјави Јани Макрадули, генерален директор на Македонска пошта.

Плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта и натаму ќе биде со особено поволни провизии. Односно 35 денари за плаќање на сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.

„Со стартот на работата на платниот промет Халканк АД Скопје не само што ја исполни преземената обврска во рок од два месеци да го имплементира системот за готовински плаќања, туку и покажа дека е сериозен партнер кој во иднина, заедно со Македонска пошта ќе настојува на граѓаните да им пружи одлична услуга. Свесни сме дека платниот промет во Пошта е многу важен за граѓаните, не само затоа што е наједноставен и најевтин начин за готовински плаќања, туку и од причина што за жителите на многу населени места е и единствен начин за плаќање сметки, обврски кон државата, уплата на средства и слично. Токму затоа и настојуваме во најкус рок да го имплементираме системот за да може да профункционира платниот промет. Еден од приоритетите во работењето на Халкбанк е пружање одлична услуга и одлично корисничко искуство во што, веруваме дека за брзо време ќе се уверат и корисниците на банкарски услуги на Македонски пошти“, изјавија од Халкбанк АД Скопје.

Според најавите, во скоро време коминтентите на Халкбанк на шалтерите на Пошта ќе можат да вршат и директни плаќања од своите сметки, а ќе бидат овозможени и други банкарски, дополнителни услуги кои освен за коминтентите на Халкбанк, ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на Пошта.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg