Хуманитарната трка Wings For Life World Run ќе се одржи на 4ти мај
- Детали
- понеделник, 28 април 2025
Трчај од каде што сакаш, толку колку што можеш и со секој километар помагај во истражување за лекување на повреди со ‘рбетниот столб.
Wings For Life World Run е најголемата трка во светот која за првпат се одржа во мај 2014 година со цел да ја поддржи непрофитната организација Wings For Life, која се занимава со истражување за лекување на повреди на ‘рбетниот столб. Оваа година, во недела на 4ти мај, со почеток во 13:00 часот, целиот свет ќе трча за оние кои не можат.
Што ја прави оваа трка посебна?
Трката нема целна линија, туку целта те брка тебе!
Исто така, интересно е што оваа трка се одржува на ист ден, во исто време во повеќе од 70 држави низ целиот свет – без разлика дали во нивната временска зона е ден или ноќ, дали се трча на сонце или низ невреме. Покрај тоа, Wings For Life App Run трката е специфична по тоа што не постои класична целна линија – на оваа трка важно е да не дозволите да ве престигне “Catcher Car“ автомобилот на мобилната апликација на вашите паметни телефони, кој започнува да се движи 30 минути по почеток на трката и се движи со иста брзина низ целиот свет. Трката се завршува во оној момент кога виртуелниот автомобил ќе ги престигне сите тркачи.
Бидејќи секој тркач сам одлучува колкава дистанца ќе истрча, на трката може да се пријави секој без разлика на својата физичка подготвеност.
Минималната сума за регистрација на оваа трка е 12€, а 100 % од собраните средства од трката одат во непрофитната организација Wings for Life.
Трката во 2024 година постави нов рекорд, со учество на повеќе од четвртина милион луѓе од 169 земји, кои помогнаа да се соберат вкупно 8.104.499 € за истражување за лекување на повреди на ‘рбетниот столб.
Секој натпреварувач може да трча каде што ќе посака, без разлика на локацијата или површината на која се трча. Сè што е важно е тркачот да ја има Wings For Life iOS или Android апликацијата, да ја одбере опцијата “Run on your own, wherever you are!” и да го има својот паметен телефон со себе за време на трката.
Апликацијата има и тренинг опција која ќе помогне да се подготвиш за трката и паметно да ги поставиш твоите цели.
Тркачите можат да одлучат да трчаат соло или во тим. Единствената разлика помеѓу овие две опции е тоа што тимот може да постави групен таргет за истрчана дистанца и донирани средства кои ќе „ги брка“ оваа година. И се разбира, тимот може да има креативно име кое ќе го претстави тимот на најдобар начин.
А, доколку некој сака да придонесе, но не се чувствува подготвен да трча – може да донира без да трча или да подари некому ваучер за трчање.
Придружи се на најголемата трка на светот и помогни во истражување за лекување на повреди на ‘рбетниот столб.
Дознај повеќе за Wings For Life World Run на wingsforlifeworldrun.com.