Започна пријавувањето за уличната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ
- Детали
- петок, 20 декември 2024
Денеска официјално започна пријавувањето за уличната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ, која ќе се одржи на 11 мај, 2025 година со почеток во 09:00 часот. Пријавувањето за трката може да се направи преку официјалната веб-страница, а првиот рок за пријавување завршува на 20.02.2025 (стандардниот пакет на котизација за учество изнесува 1000 денари).
Сите љубители на трчањето ќе имаат шанса сè до 30.04.2025 (во 23:59 часот) или до пополнување на предвидениот број учесници, да се пријават преку сајтот на HalkEco Скопје Трча 10КМ, односно на следниот линк. Пакетот на котизација за учество во овој период изнесува 1300 денари. На денот на трката не е можно пријавување.
При процесот на пријавување учесникот ќе треба да го одбере таргет времето за кое би ја истрчал трката, и според кое ќе биде распореден во стартната зона. На стартот на трката тркачите ќе бидат распоредени во 5 стартни боксови според таргет времето кое го имаат одбрано при процесот на пријавување. Таргет времињата се следни: зона 1 - таргет време под 45:00, зона 2 - таргет време од 45:01 до 50:00, зона 3 - таргет време од 50:01 до 55:00, зона 4 - таргет време од 55:01 до 1:00:00 и зона 5 - таргет време над 1:00:01.
Стартот, како и целта на трката ќе бидат позиционирани на веќе препознатливата локација, - пред фонтаната Лотус во Скопје, а патеката за трчање ќе биде поставена по дел од булеварот Илинден и дел од булеварот Партизански Одреди. Времетраењето на трката ќе биде 90 минути, по тој период сите учесници ќе бидат замолени да ја напуштат патеката. Должина на патеката е 10.000 метри, која се трча во еден круг со старт и цел на исто место.
Трката е отворена за сите, без разлика дали се работи за индивидуални учесници, или пак за група пријатели или компанија, кои имаат можност да ја пријават својата екипа за рангирање на екипен пласман на трката.
Организаторот на трката Сојуз на спортови на Скопје (кој е организатор на Виз Ер Скопски Маратон и Авицена Женска Трка), во соработка со А.К. Скопски Маратон, А.К.Работнички и со помош на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ги повикуваат сите љубители на спортот и трчањето, да се пријават и да земат учество на овој спортски настан.
Насловен спонзор на HalkEco Скопје Трча 10КМ е ХалкБанк, а покровители се Министерството за спорт и Град Скопје, со огромна помош и поддршка од верните спонзори и партнери.
Успешната приказна HalkEco Скопје Трча 10КМ започна 2017 год, која беше организирана со ентузијазам и желба да се збогати понудата на квалитетни трки, при што заедно со спортистите целта е да се подигнеме свеста за активен живот на граѓаните. Оваа трка годинава ќе го има своето седмо издание, со што веќе станува традиционална, со тенденција да биде организирано поуспешно издание од претходното.