АЕТМ: Започнаа номинациите за избор на најдобрите во македонската е-трговија за 2024 година
- Детали
- четврток, 19 декември 2024
Од денес започнуваат номинациите за избор на најдобрите во македонската е-трговија за 2024 година „E-commerce Awards 2024“, кој по четврти пат е во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Покрај препознавање на успешната работа на е-трговците, преку овојизбор се зголемува и компетитивноста кај е-трговци со што се придонесува кон поттикнување и унапредување на растот и развојот на македонската е-трговија во целост. На изборот ќе се одбираат најдобрите домашни е-трговци за 2024 година, кои ќе се натпреваруваат во 23 категории поделени во три секции: „Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање“, „Најдобри е-продавници по сектори“ и „Шампиони во е-трговија“. Дел од категориите за кои што можат да се номинираат е-трговците се: „Најпопуларна е-продавница“, „Е-продавница за облека, обувки и модни додатоци“, „Е-трговец со најдобра грижа за корисници“, како и за „Е-трговец на годината“.
Процесот на избирање на најдобрите е-трговци се прави во пет фази, а започнува со прибирање на пријави, односно номинации на е-трговци. Пријавувањето на е-трговците е бесплатно и е во тек до 10 јануари 2025 година, до 23:59 часот. Истото може да се направи преку официјалната веб страница на наградите – www.ecommerceawards.mk.
По номинирањето следува проверка на апликациите и објава на номинираните компании кои ги исполнуваат општите и специфичните услови за учество во Правилникот за избор на најдобрите во македонската е-трговија. За номинираните компании кои ќе бидат јавно објавени на официјалната веб страница ecommerceawards.mk јавноста ќе може да гласа електронски, согласно утврдената методологија за гласање, која е јавно објавена во рамки на Правилникот. По гласањето на публиката следува гласање од жири комисијата, со што гласовите од публика ќе се вреднуваат со 60%, а гласовите од жири комисијата со 40% при вкупното гласање. По собирање на поените од публиката и жири комисијата ќе се прогласат победниците. Свечениот настан за доделување на наградите на најдобрите македонски е-трговци за 2024 година ќе се оддржи во текот на месец март 2025.
На минатогодишниот избор за најдобрите во е-трговијата беа пријавени над 160 домашни е-трговци и беа собрани над 111.200 гласови од 6.100 гласачи од јавноста, а беа доделени вкупно 38 награди на најдобрите домашни е-трговци, поделени во 24 категории.
Повеќе детали за изборот може да погледнете на официјалната веб страница: ecommerceawards.mk