„Ако имаме една иста цел и работиме за неа, успехот е неминовен“: Верица Недеска за новата претстава „Замисли нов свет“
- Детали
- четврток, 28 ноември 2024
Кога последен пат сте биле на театар? Е па, Верица Недеска е таму практично секој ден – дел поради тоа што театарот ѝ е работа, но уште повеќе поради тоа што уште одамна одлучила дека тоа ќе биде и нејзиниот живот.
Предизвиците и успесите кои ги носи актерскиот занает ја научиле многу работи, но таа вели дека продолжува да учи со секој изминат ден, бидејќи тоа е единствениот начин на кој знае да функционира.
Нејзе ќе имаме можност да ја гледаме во новата претстава „Замисли нов свет“, работена според мотиви и текстови на нашиот најпознат драматург, Горан Стефановски. Претставата е иницирана од Македонски Телеком во партнерство со МНТ, а ќе биде дел од редовниот репертоар на театарот во текот на месец декември. За инспирацијата зад овој проект и важноста која тој ја носи, ќе дознаме нешто повеќе директно од Верица Недеска.
1. „Замисли нов свет“ е најновиот проект во кој ќе можеме да ве видиме на сцената на МНТ. Колку е возбудливо кога се создава нешто ново, како овој драмски текстот што никогаш претходно не е изведен пред публика?
Пред сè, морам да изразам огромно задоволството дека сум дел од екипата која учествува во создавањето на овој проект, кој сметам дека е од голема важност од повеќе аспекти. Храброста, умешноста и неприкосновениот талент на Нела Витошевиќ и Ана Ристоска-Трпеноска, да се зафатат со драмскиот опус на Горан Стефановски и да го сублимираат во едно ново читање на сцената, неизмено возбудува и е голем предизвик. „Замисли нов свет“ на некој метафоричен начин прави одличен пресек на едно минато и идно време кое во сржта ги поставува вечните прашањата за тоа кои сме, каде одиме и како луѓе, но и како театарски битија. И тоа не е само возбудливо, туку со себе носи доза на одговорност кон сè што е наше драмско и театарско наследство и кон сè она што треба да им го оставиме на следните генерации.
2. Покрај актерската кариера, знаеме дека паралелно работите и на кариерата како сценаристка, со повеќе реализирани проекти зад вашето име. Како е да се има улога на актерка во еден проект инспириран од нашиот можеби најпознат драматург Горан Стефановски? Дали тоа додава на тежина или пак ве мотивира уште повеќе?
Мојата примарна професија како актерка е основата од каде природно се роди потребата да се занимавам и со пишувањето. Без ликови, нема приказна, а без приказна нема ликови. Јас сум и двете. Со ликовите и приказните на Горан Стефановски сум имала прилика да се себеспознавам во неколку наврати и како актер и како некој што сака да чита и раскажува. Да се биде денес еден од актерите во овој проект, кои бараат клуч на читање на неговите текстови е пред сè чест, но и предизвик кој исклучително мотивира. Неговите текстови, неговата потрага по она кој сум, што сум, дава една безвременост на истите прашања кои генерациски си ги поставуваме и го прави неговиот израз уште позначаен од било кога. Почестена сум да бидам дел од овој процес.
3. Делата и размислувањата на Горан Стефановски беа дел и од овогодинешната општествена иницијатива на Македонски Телеком, кој целосно застана зад македонската уметност и ја поддржа реализацијата на оваа претстава. Колку е важно да се види дека во Македонија постојат организации кои се подготвени да направат место за нова уметност и да им подадат рака на уметниците?
Токму ова е еден од аспектите заради кои сметам дека е од исклучителна важност поставувањето на овој текст денес на сцената. Храброста и идејата на Македонски Телеком да ги искористи делата и размислувaњата на Горан Стефановски во својата кампања и да ja иницира оваа продукција со МНТ, сметам дека е одлична идеја и искрено се надевам дека ќе стане пракса, а воедно и инспирација за многу други организации да влезат како финансиери на уметноста. Искрено сметам дека е од огромна важноста да се воспостави навика, вака големи, а и помали корпорации да станат поддржувачи на уметноста и уметниците со што здраво ќе се креира и буди свеста кај луѓето.
4. Проектот „Замисли нов свет“ е уникатен од многу аспекти, како на пример тоа дека зад реализацијата на оваа претстава застана не театарска, туку филмска продукција. Како некој што често работи и во театар и на филм, кои би рекле дека се главните разлики во поглед на создавањето на еден готов проект во вакви две слични, но различни уметности?
Неприкосновената отвореност на Сектор Филм да продуцира една театарска претстава, зборува за беспрекорната професионалност и искреност на самата продукциска куќа, која храбро влегува и ги владее сите уметнички сегменти и медиуми во уметноста. Како некој што работи и во театар и на филм, многу повеќе сакам да зборувам за тоа што ги спојува, отколку раздвојува овие две изразни патеки. Особено денес, кога разликите се посуптилни и понеприметни, ако зборуваме конкретно за актерот (глумата) во нив. И филмот и театарот имаат иста цел. И двата медиума имаат моќ да поврзуваат, да раскажат приказни, да спојуваат, да лекуваат… И двата медиума не трпат лага, не трпат прорачунливост и создаваат паралелни светови што се неопходни за колективното добро. Фактот дека филмот е помлада уметност од театарот, нè носи до заклучок дека театарот е мајката на филмот. Денеска и во едниот и во другиот медиум процесите се лишат во зависност од пристапот на самиот режисер. Клучната разлика што можам да ја истакнам како актер, е тоа дека во филмот моќта на директното влијание на самите актери е присутна во процесот на пред-продукцијата (пробите) и продукцијата (снимањето) на истиот. Од тука па натаму, филмот живее речиси без можноста актерот директно да влијае на делото. Додека во театарската претстава, влијанието на актерот не завршува со премиерата, напротив, продолжува со секоја изведба. Ако гледаме на публиката како едно живо енергетско тело, во филмот тоа живо енергетско тело, не влијае на изведбата (проекцијата), додека во тетарската претстава и тоа како влијае на изведбата. Често можете да чуете “Претставата беше супер - имавме добра публика, или претставата беше лоша - имавме лоша публика“. Од овој аспект моќта на сегашниот миг со кој располагаат актерите во театарот, актерите во филмот ја немаат. Филмот е уметност која се “конзервира„ и тоа е тоа, додека театарот е во постојан процес на “ферментација”.
5. Драмската екипа на оваа претстава е составена од повеќе различни генерации на актери. Дали во текот на работата се обидувате да им „позајмите“ дел од искуството на помладите актери? Им давате ли совети или ги оставате самите да ги дознаат тајните на актерскиот занает?
Во екипата на „Замисли нов свет“ Нела има направено прекрасен избор на актери од различни генерации и оваа нејзина пракса е одлика на сите нејзини претстави. Во нејзиниот каст сите работат за сите. Нејзиниот начин на работа и вклученост на сите нас во процесот, без разлика колкава е актерската задача и кој со какво искуство доаѓа, создава една исклучително креативна работна атмосфера и будност, да сите ние имаме прилика свесно да работиме на истата цел, на доброто на претставата. Несебичноста во размената на искуствата, вештините и спознанијата е споделена од секој еден, без разлика колкавав „багаж“ носи. Знаењето е живо и секогаш во функција на целта, без разлика дали доаѓа од некој што е искусен или помалку искусен. Впрочем тоа е и тајната ако мене ме прашате. Во сржта сме сите исти и сè додека имаме една иста цел и работиме за неа, успехот е неминовен. Размената во екипата е таа што го прави овој процес уживање.