Интервју со проф. д-р Чибишев: „Граѓаните не можат сами ефикасно да се заштитат и справат со проблемот со загадениот воздух“

„Секојдневното вдишување на ПМ честички, јаглероден моноксид, азотни оксиди, сулфур диоксид и пареи на тешки метали како олово и жива, го ослабуваат имунитетот и овозможуваат честа појава на респираторни инфекции кои слабо реагираат на соодветна терапија и го исцрпуваат организмот“, вели проф. д-р Андон Чибишев.

intervju-so-prof-chibishev-gragjanite-ne-mozhat-sami-efikasno-da-se-zashtitat-i-spravat-so-problemot-so-zagadeniot-vozduh-01.jpg

Македонија и оваа година е меѓу најзагадените држави во Европа, а Скопје, пак, меѓу најзагадените градови во светот.

Последиците од загадениот воздух ги чувствуваат и најмладите, но и возрасните, и тие може да бидат далекусежни.

За мерките што треба да се преземат, но и како може да се заштитат граѓаните, прочитајте го интервјуто со професор Андон Чибишев:

Професоре Чибишев, како би ја оцениле состојбата со загадувањето на воздухот во Македонија, особено во Скопје?

За жал, глобалниот проблем со загадувањето на амбиенталниот воздух кај нас е присутен во најтешката форма и ситуација и оваа година е крајно сериозна и алармантна, понекогаш и драматична.

Загаденоста на воздухот достигнува концентрации кои значително ги надминуваат референтните вредности кои Светската здравствена организација (СЗО) ги смета за безбедни.

Македонија и оваа година е на врвот во Европа по концентрацијата на ПМ честички во воздухот и неколку дена главниот град Скопје беше меѓу десетте најзагадени градови во светот.

Ваквата ситуација е директно одговорна со бројни здравствени проблеми кои секојдневно ги чувствуваат граѓаните.

Краткотрајната изложеност доведува до иритација на респираторните патишта проследено со надразнителна и упорна кашлица и отежнато дишење што значително го пореметува квалитетот на животот.

Долготрајната изложеност на загадениот  воздух може да предизвика сериозни респираторни заболувања проследени со многубројни компликации и зголемен ризик од кардиоваскуларни болести, мозочни инциденти и можност за појава на малигни заболувања.

Што точно предизвикува вакви сериозни здравствени последици кај граѓаните?

Секојдневното вдишување на ПМ честички, јаглероден моноксид, азотни оксиди, сулфур диоксид и пареи на тешки метали како олово и жива, го ослабуваат имунитетот и овозможуваат честа појава на респираторни инфекции кои слабо реагираат на соодветна терапија и го исцрпуваат организмот.

На респираторниот тракт предизвикуваат хронични воспаленија,алергиски манифестации, најчесто хроничен бронхитис, емфизем и астма.

Страда и кардиоваскуларниот систем при што загаденоста на воздухот го намалува снабдувањето на мозокот и срцето со кислород, што значително го зголемува ризикот од срцеви и мозочни инциденти.

intervju-so-prof-chibishev-gragjanite-ne-mozhat-sami-efikasno-da-se-zashtitat-i-spravat-so-problemot-so-zagadeniot-vozduh-05.jpg

Како загадениот воздух влијае на децата и повозрасните лица, кои се сметаат за најранливи категории?

Кај децата, изложеноста на загаден воздух е крајно опасно и предизвикува не само хронична кашлица, туку и го нарушува нивниот ментален развој, го ослабува имунолошки систем и може да го успори психофизичкиот развој.

Кај повозрасните лица, кои обично се оптоварени со бројни хронични болести хроничната изложеност на постојаното загадување на амбиенталниот воздух ја влошува состојбата на постоечките хронични заболувања и го зголемува ризикот од сериозни респираторни, кардиоваскуларни и компликации на централниот нервен систем.

Некои сериозни невролошки заболувања, когнитивни пореметувања, ослабената меморија, појава на невродегенеративни болести исто така се поврзуваат со долгорочната изложеност на загаден воздух.

Што можат граѓаните да направат за да го заштитат своето здравје?

За жал, граѓаните не можат ефикасно да се заштитат и сами да се справат со проблемот со загадениот воздух, но можат да преземат одредени мерки за минимално да го намалат штетното влијание на високите концетрации на загадувачите на воздухот .

Препорачувам да избегнуваат секаков вид на физичка активност на отворено во периоди кога концентрацијата на загадувачите е висока, да користат хируршки или КН95 маски и  задолжително да се набават прочистувачи на воздух за затворените простории каде за жал исто така има високи концетрации на стандардните загадувачи.

Според моите сознанија тие се одлична прва линија на одбрана од загадувањето во домот, бидејќи висококвалитетните софисцитирани прочистувачи на воздух успеваат да филтрираат до 99.9% од штетните честички и гасови.

intervju-so-prof-chibishev-gragjanite-ne-mozhat-sami-efikasno-da-se-zashtitat-i-spravat-so-problemot-so-zagadeniot-vozduh-04.jpg

Дали сте запознаени со новите владини напори за намалување на загадувањето на воздухот?

Да, запознаен сум и ги поздравувам долгорочните планови на Владата за ваквите активности.

Владата веќе развива стратегија за намалување на загадувањето, која после подолг период на непревземање  никакви мерки и активности, конечно започнува  да се реализира.

Во изјавите за јавноста Премиерот најави дека се очекува загадувањето да се намали за 60% во наредните три години, но за тоа е потребен период на дисциплинирано и посветено реализирање на владините мерки за подобрување на квалиетот на амбиенталниот воздуд.

Во овие активности интензивно е вклучено и Министерството за екологија кое ги интензивира активностите за чист воздух преку зелени проекти и контролирање на штетните индустриските емисии.

Има ли добри примери од практиката во заштита на здравјето од загадувањето на воздухот?

Според информациите кои ги видов во медиумите неколку училишта во општина Кисела Вода веќе се опремени со прочистувачи на воздух, кои ефективно ги намалуваат ПМ честичките и токсичните гасови во просториите, достигнувајќи ниво на чистота споредливо со она во медицинска операциона сала.

Овие примери се многу позитивни и докажуваат дека со соодветна софисцитирана опрема можеме да го заштитиме здравјето на децата и наставниците.

Чистиот воздух е основно право на секое дете и секој ученик.

Според мене овие добри практики треба да се поддржат и во други училишта и јавни институции, со цел да им обезбедиме на децата чиста и безбедна средина за учење и развој.

intervju-so-prof-chibishev-gragjanite-ne-mozhat-sami-efikasno-da-se-zashtitat-i-spravat-so-problemot-so-zagadeniot-vozduh-03.jpg

Што би им порачале на граѓаните?

На секој граѓанин би му порачал да преземе што е можно повеќе превентивни мерки за заштита од загадениот воздух.

Прочистувачите на воздух се одлична инвестиција во здравјето на секој дом, особено во региони како Скопје, каде загадувањето е сериозен ризик.

Мое мислење е дека чистиот воздух не е луксуз, туку основно право и услов за здрав и квалитетен живот.

Со прочистен воздух и подобра заштита, секој дом може да стане сигурна зона за безбедно живеење.

фото: Depositphotos.com

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg