Настанот во организација на КБ Прво пензиско друштво „Замени и засади“ промовира пензиска свесност, грижа за животната средина и забава во Градскиот парк
- Детали
- четврток, 19 септември 2024
Изминатиов викенд, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје беше домаќин на забавен и едукативен настан кој се одржа на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, собирајќи ги своите членови и заедницата на ден исполнет со забава и креативност, истовремено посветен на одржливоста и грижата за животната средина.
Во сржта на настанот беше „Замени и засади“, нудејќи разигран микс на активности додека се залага за заштита и унапредување на природата. Иницијативата „Замени и засади“ ги охрабрува членовите да ги заменат хартиените извештаи за својата пензиска заштеда со известувања преку e-mail, а за секој член што направил промена, КБ Прво се обврзува да засади едно дрво, нагласувајќи ја посветеноста на намалување на употребата на хартија и заштита на животната средина.
Настанот привлече голем број посетители од сите возрасти, претворајќи го денот во вистински пример за тоа како забавата, едукацијата и еколошката свест можат да се спојат во едно. Беа опфатени различни интерактивни активности наменети за сите возрасни групи. Семејствата уживаа во одлична неколкучасовна музичка изведба на Наде Талевска, а на сцената се приклучи и Петар Младеновски, фронтмен на групата Суперхикс.
Децата уживаа во жонглерска претстава, додека креативните умови учествуваа во практична работилница со глина. Спортските ентузијасти учествуваа во различни игри и спортски активности, додавајќи активна атмосфера на настанот.
„Целта на настанот беше да покажеме дека со едноставни акции, како што е изборот на електронски извештаи наместо хартиени, можеме да придонесеме за зачувување на природните ресурси и да направиме значајна разлика. Горди сме што иницијативата за зелена иднина наиде на поддршка и што со нашата посветеност кон заедницата како општествено одговорна компанија можеме и со мали чекори сите заедно да придонесеме за подобра животна средина и почист воздух. Оваа поддршка за нас претставува поттик и нè мотивира и во иднина да дејствуваме во насока на позитивни поромени за заедницата во која живееме и работиме.“ – изјави Иван Стојановиќ, член на Управниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.
Посетителите на штандовите имаа можност да пополнат формулар со кој одбираат известување по пат на електронска пошта, каде што направија промена на начинот на кој го добиваат својот годишен извештај за пензиска заштеда.
Благодарение на членовите кои се одлучија да ја поддржат оваа наша иницијатива, досега се реализирани три успешни акции за пошумување на различни локации во земјава каде се засадени над 10 000 садници, а од Друштвото веќе се најавува четврта акција, во месец ноември.
За време на настанот беше доделена плакета на КБ Прво пензиско друштво, национална награда во категоријата – Однос кон животната средина за 2023 година. Во име на Координативното тело за ООП, г-дин Миле Бошков плакетата ѝ ја додели на Весна Стојановска, претседател на Управниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје уште еднаш им се заблагодарува на сите кои беа дел од овој настан и ги поканува сите што сакаат да придонесат за зелена иднина да продолжат да учествуваат во идни активности и иницијативи кои ќе помогнат во зачувување на нашата планета.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229