Мирковски од КК „ИБА“: „Развојот на талентите го темелиме на индивидуално прилагодени програми во зависност од потребите и перформансот на секој“
- Детали
- петок, 06 септември 2024
Првата меѓународна кошаркарска академија „ИБА“ е активна во Македонија од 2020 година, со основна мисија да биде водечки спортски центар фокусиран на развој на животни вештини кај младите.
ИБА е препознатлива по својот континуиран раст и постигнатите резултати на младинските и сениорските тимови во македонските лиги, како и по соработката со престижни кошаркарски академии и агенции од регионот.
Академијата се стреми кон создавање на таленти кои што ќе ги промовираат националните бои на меѓународната сцена.
Преку персонализирани програми и меѓународни турнири, „ИБА“ е посветена на комплетен психо-физички развој на своите играчи, како и на целосна грижа на нивната благосостојба.
Во разговор за Црно Бело Владимир Мирковски основач и тренер на „ИБА“ вели дека покрај врвните кошаркарски вештини, младите кои се дел од Академијата, ги развиваат и животните вештини, со што се градот во индивидуалци со висока емоционална интелигенција.
Како и кога е формирана КК „ИБА“, и која е нејзината основна мисија?
Владимир Мирковски: Интернационалната кошаркарска академија „ИБА“ е активна во Македонија од 2020 година, а идејата за формирање на ваков тип на кошаркарска школа се роди и разви во Шангај, НР Кина, каде денес програмата на „ИБА“ се спроведува во 10 основни училишта во Минхан дистрикт во Шангај.
Наша основна мисија е „ИБА“ академијата да биде водечки развоен спортски центар во Македонија со фокус на развој на животни вештини кај младите како што се: дисциплина, тимски дух, самосвест и емпатија.
„ИБА“ Академијата е кошаркарска школа препознаена во регионот преку континуиран развој на таленти и настап во младинските и сениорските лиги.
Кои се клучните достигнувања на КК „ИБА“ од нејзиното формирање до денес?
Владимир Мирковски: За помалку од четири години особено сме горди на динамиката и резултатите што ги постигуваме.
Активно настапуваме во младинските кошаркарски лиги при КФСМ со сите селкции и тоа:М12, М14, М16 и М18, а нашиот сениорски тим во Трета лига е наменет за развој на млади кошаркари.
Една од нашите водечки цели е создавање на поголем број репрезентативци и досега честа да го носат националиот дрес и да бидат лидери во селекциите ја имале 2009 (Марко Солев, Христијан Божиновски, Арт Беџети, Божин Мицковски, Александар Јанкуловски, 2010 (Војдан Илиевски, Никола Димевски, 2011 (Матеј Ќермичиев, Владо Атанасовски), 2012 (Максим Арсовски, Бенџамин Куч). Но не застануваме тука, дел од нашите младинци растат и во интернационални клубови и градат меѓународни спортски кариери.
Како КК „ИБА“ ги развива младите таленти и кои се програмите за нивно стипендирање и докфалификација?
Владимир Мирковски: Темелите на нашата програма се засноваат на долгогодишното континуирано учење од најголемите имиња во кошарката како: Ранко Жеравица, Бора Џакович, Ратко Јоксиќ, на кои сме особено горди.
Истите постојано се ревидираат и надоградуваат со учество и обезбедување на највисоките сертификати по ФИБА како FECC coaching certificate, кој е навиското постоечно ниво на сертифицирање во кошарката.
Развојот на талентите го темелиме на индивидуално прилагодени програми во зависност од потребите и перформансот на секој.
Особено ги следиме и сме инволвирани во градење на нивните интернационални кариери каде заедно со Pro Futuro агенцијата од Србија, која е водечка во регионот за спортски и академски стипендии, сме максимална подршка и помош при правилен избор на истите.
Каква е улогата на соработката со Академија Ребрача во Белград за развојот на КК „ИБА“?
Владимир Мирковски: Жељко Ребрача е легенда на Југословенската кошарка, МВП на фајнл-фор турнирот во Евролигата, НБА руки Ол стар во 2002 година. Ребрача и неговиот тим на тренери се дел од нашите показни тренинзи, заеднички кампови и едукација на нашите тренери, а неговиот личен професионален успех е огромен мотив за сите млади спортисти.
Заеднички сме орагнизатори на летниот камп „Ребрача“ на Златибор со над 600 учесници од регионот поделени во две смени (НЛП работилници, предавања на англиски јазик, трибини за безбедност на социјалните мрежи) кои се дел од кампот.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочува клубот во моменталната натпреварувачка сезона?
Владимир Мирковски: Повеќе од задоволни сме од динамиката со која растеме и резултатите што ги постигнуваме. Познавајќи ги работите кај нас тешко се обезбедуваат ресурси од кои најважни ни се обезбедување на топли спортски сали.
Но и покрај тоа, нашата Академија е општествено одговорна и од првиот ден субвенционираме деца од социјално загрозени семејства и талентирани деца забележани од нашите тренери.
Како планирате да го позиционирате КК „ИБА“ како водечка кошаркарска школа во регионот?
Владимир Мирковски: Во наредниот период од 4-6 години тежнееме да станеме водечки кошаркарски спортски центар во кој со помош на високо професионален тренажен процес, НЛП техники, работилници со спортски психолог, јога работилници, нутриционисти, ќе создадеме здрави млади личности со усовршени кошаркарски вештини.
Активното учество во сите младински лиги, меѓународни турнири и интернационални кампови комбинирани со добри совети и правилни насоки од професионални тренери, се движечкиот мотор на нашата Академија.
Кои се стратегиите на КК ИБА за зголемување на интересот и учеството на младите во кошаркарските активности?
Владимир Мирковски: Нашиот водечки принцип е да му овозможиме на секое дете „повеќе од кошарка“ да создадеме место каде што децата ќе се чуствуваат сигурно, мотивирано, почитувано, односно, практично академијата да биде нивниот втор дом.
Тоа го овозможуваме преку разни концептуални работилници како: неуро лингвистичките работилници „Закуцај го позитивниот став“ каде со стручни лица разговараме со младите за предизвиците со кои се соочуваат во и надвор од спортот, како работилници за сајбер безбедност,булинг и сл.
Целта е да придонесеме во растот и развојот на комплетни млади личности полни со самодоверба и самосвест.
Какви се плановите за идните меѓународни турнири и како тие придонесуваат за развојот на играчите?
Владимир Мирковски: Во сезоната ‘24/’25 дел од нашата агенда ќе бидат повеќе меѓународни турнири и кошаркарски збиднувања, а веќе во подготвителниот период ќе учествувавме на меѓународен турнир во Белград со генерација ‘11/’12.
Наши членови ќе бидат дел од отворениот тренинг (Showcase) во Сараево, Босна и Херцеговина, на кој ќе учествуваат најдобрите млади кошаркари во регионот а истиот во живо го следат најеминентните светски скаути за млади кошаркари. Овој настан е од големо значење и голем дел од младите таленти имаат неповторлива можност да бидат забележани од најдобрите клубови и колеџи во светот.
Кои се најважните столбови на финансирање на клубот, и како се планира да се обезбеди неговата финансиска одржливост?
Владимир Мирковски: Академијата ИБА функционира како здружение и истата до сега се самофинансира. Во иднина очекуваме поголема поддршка од новоформираното Министерство за спорт, коешто се надеваме дека ќе обрне внимание на клубовите кои работат на развој на млади категории, кои се клучна алка во секој спортски систем.
Кои се следните чекори во развојот на спортскиот центар „IBA Sport & Recovery“, и какво ќе биде неговото влијание врз клубот и заедницата?
Владимир Мирковски: „ИБА“ Академијата досега беше физички лоцирана само на територијата на општина Карпош, а од септември 2024 година се прошируваме и во општина Ѓорче Петров.
Имаме реална побарувачка да се прошириме и во останатите општини во Скопје, а најмногу надвор од Скопје и засега тоа го постигнуваме со разноразни активности. Еден таков важен настан за децата од цела Македонија е Кошаркарскиот Караван кој започна викендов од Штип.
Со отворени тренизи за сите заинтересирани продолжуваме и во Тетово, Гевгелија, Валандово, Прилеп, Свети Николе, Струга и во останатите градови низ Македонија.
Ние сме посветени на целосниот wellbeeng на нашите членови па така од прв ден им обезбедуваме целосен recovery третман преку нашиот партнер CRYO MK кој е лидер во регионот за брзо опоравување и третирање на спортски повреди.
Спортските активности кај младите лица се исклучително важни за нивното психо-физичко здравје, токму затоа Академијата посветува особено внимание на спроведувањето на тренинзите.
Имено, посветувајќи внимание на грижата на менталното здравје на младите, Академијата отвора огромни можности за развој на здрава нација со врвен спортски дух.
Академијата „ИБА“ е повеќе од кошаркарска клуб – тоа е место каде кошарката се живее. Со посветен тим, индивидуално прилагодени програми и силен фокус на психо-физичкиот развој, тие создаваат средина каде младите таленти можат да растат и да се развиваат не само како спортисти, туку и како цели личности. Во „ИБА“ секој играч е дел од една голема кошаркарска фамилија, каде што страста кон играта и посветеноста кон успехот се преплетени во секој ден. Тие порачуваат да се придружите на нивната академија и станете дел од заедницата каде кошарката е начин на живот.