Како се прави генералка: 5 работи што мора да ги знаете

Време е за пролетното чистење на домот и внесување нова енергија во просторот за живеење. Одвојте еден викенд во кој ќе направите темелна генералка на домот и бидете сигурни дека чистиот освежен простор ќе создаде нов амбиент во кој вие и вашите најблиски ќе се чувствувате прекрасно.

kako-se-pravi-generalka-5-raboti-shto-mora-da-gi-znaete-01.jpg

Да се направи генералка не е толку тешко. Без разлика колку долго ја одложувате – со сигурност ќе ви треба добар план, мотивација и квалитетни средства за чистење.

Еве неколку едноставни совети до кои треба да се држите ако сакате да имате успешна генералка и нов свеж почеток на пролетта во вашиот дом.

Отстранете го нередот

Пред да почнете со чистење, отстранете го нередот. Тоа ќе ви помогне побрзо и полесно да го пребришете правот и да ги исчистите подовите. За тоа, секако, потребна ви е квалитетна правосмукалка.

Нередот може да направи домот да изгледа мрачен и валкан, дури и ако сте исчистиле темелно само неколку дена пред тоа. Најчесто има одредени точки во домот околу кои се создава најмногу неред, како што е плакарот и работните маси.

Во плакарот е собрана целата облека што сте ја носеле во текот на зимата, која веќе нема да треба да ја носите, и парчиња од кои треба да се ослободите бидејќи, иако ви стојат во плакарот преку целата година, можеби не сте ги облекле ниту еднаш.

На работните маси, исто така, со сигурност имате купишта хартија, сметки и држачи за пенкала преполни со такви што не работат. Тие придонесуваат просторот да биде натрупан и неуреден и мора да се ослободите од нив.

Чистете систематски

За да го исчистите вашиот дом систематски, првиот чекор е да направите план. Почнете со клучните простории во кои поминувате најмногу време и поставете реални цели за секој дел од процесот на чистење.

Организирајте го вашето време така што ќе може да се посветите на чистење во одреден период од денот или од неделата, во зависност од вашите обврски. Кога ќе почнете со чистење, почнете од најважните или највалканите простории, како што се кујната и бањата и продолжете понатаму во другите делови од домот. Со завршување на овие простории ќе добиете мотивација да продолжите понатаму со генералката.

Не заборавајте да вклучите паузи за одмор и да си дозволите време за релаксација меѓу секоја сесија на чистење. Кога ќе завршите со чистењето на одредена просторија, одделете време за преглед на вашата работа и уживајте во сработеното и во убавината на вашиот простор.

kako-se-pravi-generalka-5-raboti-shto-mora-da-gi-znaete-02.jpg

Светнете ги прозорците

Темелното чистење на прозорците може да направи голема разлика во визуелниот изглед на вашиот дом. Тргнете ги завесите, светнете ги прозорците и дозволете светлината да влезе во вашиот дом што ќе донесе позитивна енергија според принципите на фенг шуи.
Ако сакате да ги исчистите прозорците ефикасно, прво поминете ги со вода и со разредено средство за стакло за да се отстрани правот. Можете да користите крпа со микровлакна.

Купете квалитетни средства за чистење прозорци, кои ќе ги употребите за втората рунда чистење. Еден од триковите за полесно чистење на прозорците е да употребите стари весници за бришење бидејќи тие го оставаат стаклото чисто и без траги. За да ги достигнете тешко достапните делови од прозорците, користете крпи со микровлакна со долги дршки или специјални алатки за чистење прозорци.

На крајот, додека ги исчистите прозорците, внимавајте на деталите, како што се рачките и рамките на прозорците. Чистите прозорци во сончевите денови ќе му дадат сосема нова димензија на вашиот дом, особено ако цела зима сте ги запоставиле.

Инвестирајте во квалитетни средства и продукти

Добрата генералка која навистина ќе го освежи вашиот дом и ќе внесе нова атмосфера бара добри и квалитетни средства. Некои знаат да бидат поскапи, но тие ќе траат подолго од оние евтините.

Важно е да имате добри четки за бришење, голем број крпи и да одберете квалитетни средства за чистење прозорци, подови, прав, дамки и мрснотија. Со оваа ваша колекција на средства работата ќе ја завршите многу бргу. Некои дамки и мрснотии, едноставно, не се вадат со неквалитетни средства, а ако веќе чистите зошто да не го светнете просторот како што треба.

kako-se-pravi-generalka-5-raboti-shto-mora-da-gi-znaete-03.jpg

Ослободете се од сите непотребни предмети

Дури и да не најдете мотивација и сила да направите целосна генералка, само ако се ослободите од сите предмети што, објективно, не ви се потребни и никогаш не ги употребувате, веќе ќе направите голема промена.

Една од главните лекции на кои упатува филозофијата фенг шуи е дека е важно во домот да има проток на енергија, а тоа е можно само ако просторот е слободен. Доколку имате проблем со фрлање предмети и облека и секогаш помислувате дека можеби во иднина ќе имате потреба од нив, поделете ги овие предмети во две категории – предмети што сигурно не ги употребувате и тие што, можеби, ќе ви затребаат.

Од првите ослободете се со тоа што ќе ги донирате во Црвен крст или на некоја од акциите за замена на облека. Предметите и облеката што, можеби, ќе ви затребаат, одделете ги во посебна кутија и ако по извесен период забележите дека не ги употребувате, најдобро ќе биде да се ослободите и од нив.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg