Започнува „НЛБ Месецот на штедење“ - Ликовен конкурс за деца на тема „Штедиме и другаруваме“
- Детали
- понеделник, 25 септември 2023
На тема „Штедиме и другаруваме“ од денеска официјално започнува „Месецот на штедење“ на НЛБ Банка. Почетокот беше одбележан со традиционалната претстава со маскотите на детското штедење Тиби и Штуки, и забавно едукативна програма за најмалите, основци од неколку училишта кои со воодушевување ја следеа претставата посветена на штедењето и другарувањето.
Во „Месецот на штедење“ што ќе трае до 25 октомври, предвидени се активности и едукативни содржини кои имаат за цел да го поттикнат штедењето кај децата, како важна животна навика која се стекнува уште од најрана возраст.
И годинава, меѓу активностите е традиционалниот ликовен конкурс на детски цртежи, овојпат на тема „Штедиме и другаруваме“. На конкурсот може да учествуваат деца од 5 до 15-годишна возраст кои до 25.10.2023 ќе ги испратат своите ликовни творби, по електронски пат, преку веб-страницата: www.stedenje.nlb.mk. На крајот на октомври децата автори на најдобрите цртежи избрани со гласање преку истата веб страница, како и од страна на посебна жири комисија составена од реномирани македонски уметници ќе добијат признанија и штедна книшка oд НЛБ Банка со штеден влог од 3.000 денари.
„Покрај традиционалната тема „штедење“, свесни за начинот на кој денес живеат децата, од една страна сè помалку социјална интеракција, а од друга страна зачестени недоразбирања и конфликти помеѓу нив, годинава „Месецот на штедење“, го посветивме и на тема која треба да упати силна порака до децата и родителите за важноста од негување на другарството. Другарството е значаен аспект од развојот на детето. Тоа дава силна емоционална поддршка, учи на вредни социјални вештини и на децата им дава чувство на припадност. Негувањето на другарството е убаво патување кое ги обликува нивните идни односи. Децата треба да научат како да ги изразуваат своите чувства конструктивно, да прават компромиси и заеднички да изнаоѓаат решенија. Веруваме дека со изборот на оваа тема ќе допреме до децата и ќе ги мотивираме да градат силни и трајни пријателства. “ - истакнуваат од НЛБ Банка.
Оваа година, наместо награден предизвик за училишта, во духот на темата „другарство“, НЛБ Банка во соработка со Националната шаховска федерација донира шаховски табли и фигури за основните училишта низ земјата. Шахот е пред сè умствен спорт. Но играњето шах може помогне да се создадат трајни пријателства. Па оттука, шахот е и социјална активност која на децата ќе им даде можност да се здружат и да комуницираат, а истовремено да уживаат во предизвикувачка игра.
„Месецот на штедење“ ќе заврши со голема изложба на ликовните творби кои ќе пристигнат на конкурсот за детски цртежи, што ќе биде поставена во просториите на НЛБ Галерија и отворена за љубителите на детската уметност.