„НEзаштитена пpирода“ – Изложба на фотографии на Велиан Јагев за подигнување на свесноста за животната средина, поддржана oд ПроКредит Банка
- Детали
- четврток, 01 јуни 2023
Во соработка со фотографот Велиан Јагев, ПроКредит банка организира патувачка изложба на уметнички фотографии од ретки и уникатни птици кои живеат на територијата на Македонија, изработени од страна на Пикс Плус.
Територијата на Македонија е дом на преку 330 видови птици, како на пример црниот штрк во околината на Штип, водомарчето во Градскиот парк во Скопје и фламингото во Охридско езеро. Скопје може да се пофали со богата орнитофауна, а според истакнатиот научен проект eBird, во Градскиот парк се забележани дури 132 различни видови птици.
Половина од овие птици се миграторни, што ја прави Македонија клучна раскрсница за преселниците. Со својата убавина птиците ги збогатуваат не само дивите подрачја, туку и урбаните средини, но да не го заборавиме и нивното позитивно влијание врз контрола на инсектите и разните глодари. Сепак, недостатокот на заштита и свесност за важноста на екосистемите, претставува закана за нивниот опстанок.
Изложбата „НЕзаштитена природа“ ќе се одвива во текот на три викенди, опфаќајќи шест градови низ целата држава, почнувајќи од 2 јуни до 18 јуни. Овој настан има за цел да ја подигне свеста за важноста за зачувувањето на незаштитените природни подрачја значајни за птиците и за биодиверзитетот.
Патувачкиот караван ќе посети повеќе градови, со следниот распоред на локации и датуми на изложбата:
- Штип - Дом на култура - 2 јуни, 10 часот - 18 часот
- Струмица - Градски плоштад - 3 јуни, 10 часот – 18 часот
- Прилеп - Саат кула - 9 јуни, 10 часот – 18 часот
- Битола – Широк Сокак, Плоштад Магнолија - 10 јуни, 10 часот - 18 часот
- Охрид - Шеталиште - 11 јуни, 10 часот – 18 часот
- Скопје – Градски парк кај Школка – 17 јуни, 9 часот – 17 часот
- Скопје – Парк Авионче (нас. Аеродром) – 18 јуни, 9 часот – 17 часот
Изложбата ќе биде затворена на 27 јуни, во просториите на Централната Управа на ПроКредит Банка, со отворена аукција за изложените уметнички фотографии. Средствата собрани на аукцијата ќе бидат донирани во проекти посветени на подобрување на условите за живот на овие птици во нивните природни живеалишта.
ПроКредит Банка, како банка која веќе 20 години поставува стандарди за одржливост и одговорност, преку своите активности континуирано придонесува кон зачувување на природата и со особена чест го поддржува овој проект.