Голден Арт со настан под мотото „Сите сме дел од тимот“ ја заврши најуспешната сезона од своето формирање
- Детали
- среда, 31 мај 2023
Ракометниот клуб Голден Арт со средба на сите генерации на клубот, во С.Ц "Јане Сандански" во Општина Аеродром, ја затвори најуспешната сезона од формирањето на клубот.
На настанот на кој продефилираа ракометарите кои беа дел од сите селекции на колективот Голден Арт, збогатен со ревијален натпревар помеѓу екипите составени од ракометари од различни возрасни категории, беа потенцирани резултатите кои беа постигнати во сезоната 2022/23 и во знак на благодарност за придонесот во развојот на клубот, беа доделени пригодни подароци на четворица сениори, кои на крајот на сезоната го напуштаат клубот.
Клубот кој во својата генеза има политика на вложување и развој на македонски ракометари, во сезоната која што е позади нас учествуваше во сите возрасни категории на ракометари, оформи уште една сениорска екипа, пријавувајќи дури шест селекции и забележувајќи одличен успех во секоја од нив.
Сениорскиот тим, кој се натпреварува во најсилното ракометно натпреварување во државата, беше дел од плеј-аутот и на убедлив начин го задржа суперлигашкиот статус. Вториот тим од колективот, Голден Арт Аеродром, тим составен од млади македонски ракометари, одигра одлична сезона, во која младите играчи се стекнаа потребното искуство во сениорска конкуренција.
Во младинските категории забележан е одличен резултат, каде што, во сите возрасни категории, како единствена македонска машка екипа избори учество на завршните турнири, кадешто кадетите завршија како четвртопласирани, пионерите го освоија сребрениот медал, а нашите младинци го освоија шампионскиот пехар во највозрасната категорија на ракометари родени 2004 година и помали.
Како млад спортски колектив, Голден Арт, кој минатата година се врати во суперлигата, со инвестирање во млади категории и македонски производ, сериозно се позиционираше на македонската ракометна мапа, привлекувајќи го вниманието на многу млади ракометари, кои се приклучија на тимот во сите категории.
Систематската поставеност, обезбедените услови и стручноста овозможија Голден Арт како спортски колектив, од своите редови да генерира македонски репрезентативци во сите возрасни категории, од пионери до младинци, со надеж дека добар дел од нив во иднина ќе го облечат и дресот со националните бои на сениорскиот тим, како сон на секој македонски спортист
Сето ова покажува дека Голден Арт, како колектив кој сериозен дел од својот буџет инвестира во подмладокот, постави убава основа за понатамошен развој, насочувајќи ги своите амбиции и во иднина да биде стабилен суперлигаш и сериозен фактор во младинските лиги во организација на Ракометната Федерација на Македонија.
На синоќешниот настан, на кој партиципира ракометарите од сите селекции на клубот, Голден Арт се заблагодари на играчите кои оставија свој белег во развојот на клубот, почнувајќи од најдобриот стрелец Ивица Илиев, играчот со најмногу настапи Симон Гучески и двајцата битолски ракометари Пеце Рајатоски и Андрија Мандиќ. Истоа така, на ревијалниот натпревар на екипите составени од ракометари од различни возрасни категории беше потенциран и успехот на нашите млади селекции кои две колективни и неколку индивидуални награди на завршните турнири во сезона 2022/23.
Ракометниот клуб Голден Арт упатува голема благодарност до партнерите и поддржувачите на клубот, за безрезервната поддршка и инвестирањето, како и до медиумите и јавноста кои дадоа свој придонес во популаризација на ракометот како спорт број еден во Македонија.