Македонскиот карате-тим освои бронза на медитеранскиот шампионат во Тунис
- Детали
- понеделник, 22 мај 2023
Скопје, 22 мај 2023 - Сениорската карате-екипа на Македонија се закити со бронзен медал на медитеранското првенство што викендов се одржа во Радес, Тунис. Дополнително, македонските претставници остварија и три високи пласмани, исто така, во најсилната, сениорска, конкуренција. Осум членови на скопски „Макпетрол“ беа дел од нашата репрезентација.
Македонската сениорска карате-репрезентација, се пласира на третата позиција во најтешката дисциплина - екипно борби за мажи. Во наведената дисциплина, ова е прво одличје за Македонија на медитеранските првенства. Медалот го освоија: Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Стефан Стојановиќ, сите членови на „Макпетрол“, како и Мурсел Мисими од кумановски „Башкими“.
Борбата за медал беше со репрезентацијата на Тунис. Македонскиот тим оствари убедлива победа со 3-0, додека индвидуалните спортисти триумфираа со следните резултати: Давид Петков (5-1), Стефан Стојановиќ (1-0), Петар Заборски (3-0). Освен Македонија, Алжир, исто така, освои бронза. Второпласиран во категоријата екипно борби за мажи беше Либија, а шампион е Египет.
Во поединечните категории беа остварени три високи пласмани, сите од членови на „Макпетрол“: Петар Спасеновски (-84 кг.) и Ангела Мојсовска (-68 кг.) се најдоа на петтото место, додека Симона Заборска (-61 кг.) натпреварувањето го заврши на седмата позиција.
Ова медитеранско првенство беше одбележано од навистина силна конкуренција. Дел од него беа 19 најелитни и најдобро рангирани светски тимови. Вкупно учествуваа 447 спортисти во машка и во женска конкуренција.