Крај Вардарот Сесии овој петок во МКЦ во рамките на Крај Вардарот Џез Фестивал со Божиновски и Аудиокултура
- Детали
- четврток, 18 мај 2023
Крај Вардарот Сесии е заеднички проект на дискографската куќа ПМГЏез и концептуалниот соничен кафе бар Аудиокултура, кој се реализира во соработка со реномираниот македонски бренд за часовници и ексклузивен накит, Божиновски.
Проектот трае веќе неколку месеци, а се состои од реализација на десетина концерти кои ПМГЏез, како реномирана дискографска куќа, ги организира во извонредно атрактивниот и звучно врвно подготвен објект на Аудиокултура. Сите настапи се снимаат, а селекција од најквалитетните мигови ќе се најде на винил издание, кое треба да се појави оваа есен и ќе биде своевиден артефакт од оваа интересна колаборација.
Овој петок, на 19ти мај, Крај Вардарот Сесии за миг ќе излезе од кафе барот на Аудиокултура, всушност, заедно со нивниот звук и атмосфера ќе бидат пренесени во горното фоаје на киното Фросина, при МКЦ Скопје.
Во рамките на четвртото издание на Крај Вардарот Џез Фестивал, ПМГЏез, заедно со Аудиокултура и Божиновски, ќе приредат специјална фестивалска вечер во која проектот Крај Вардарот сесии ќе биде претставен на пошироката јавност на еден малку поинаков начин.
Покрај неколкуте обраќања на темата од организаторите, аудио претставување на материјалот кој ќе се најде на плочата и мал винил базар, посетителите ќе имаат уникатна можност да проследат изложба на фотографии направени во рамките на досегашните настапи од овој проект во Аудиокултура.
Секој од коорганизаторите ќе има свој штанд каде ќе ја претстави својата работа и производи, а вечерта ќе ја крунисаат два концертни настапи, промоции на ноедамна излезени домашни албуми во продукција на ПМГЏез, кој се јавува како организатор на Крај Вардарот Џез Фестивал.
Настанот започнува во 19 часот, влезот ќе биде слободен, а публиката ќе може да ужива во концертите на две уникатни дуа: Букршлиев – Томевски и Кондовски – Дробицки. Ова е извонредна можност да се запознаете поблиску со работата на некои од најактивните културни и дизајн чинители на сцената во последниве години, па повелете.