Ресоцијализација во семејните домови – најпозната светска друштвена игра Монопол за првпат на македонски јазик
- Детали
- среда, 10 мај 2023
Денеска во Скопје беше провомирана најпознатата светска игра на табла „Монопол“, која наскоро ќе има свое издание на македонски јазик.
Оваа престижната и меѓународната игра е досега најпродаваната игра во светот со над 290 милиони продадени копии, дизајнирана на 44 јазици и присутна во повеќе од 113 земји, а од денеска и Македонија станува дел од глобалното семејство и има чест да биде дел од овој светски препознатлив проект.
На денешната средба со медиумите се обрати официјалниот застапник за “Монопол Северна Македонија” г-ѓа Јулинда Гега Хоџа и г-дин Гжегож Левински (Grzegorz Lewiński), претставник од англиската компанија „Winning Moves“, лиценциран партнер за државните изданија на Монопол од Hasbro, како основач на играта во САД, во 1935 година.
„Монопол досега создаваше различни изданија низ светот, вклучително и во многу земји од регионот како: Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора, Косово и Албанија. Сега Македонија има можност да се приклучи на светската мапа, не само на регионалните држави, кои веќе создадоа свои изданија на Монопол, туку и европските и светските. За да се дојде дотука, беше голем предизвик да се привлече вниманието на компанијата „Winning Moves“.
По голем број состаноци и дискусии, им овозможуваме на сите деца од Македонија, заедно со нивните семејства, за првпат да ја играат престижната и меѓународната игра на својот мајчин јазик. Многу сме среќни и привилегирани што успеавме да направиме ваков атрактивен проект за Македонија“, истакна Гега Хоџа.
Изданието „Монопол Македонија“ има културна, историска, комерцијална и едукативна цел, преку интерактивна игра и дружба. Луѓето, не само од Македонија, туку и од ширум светот ќе имаат можност да научат повеќе за природните убавини, културно - историските споменици и знаменитости на секој град низ Македонија, конечно за културното наследство на нашата земја. Едновремено, преку овој проект целта е да се промовира и туризмот на Македонија ширум светот.
Со овој проект, интенција е ресоцијализација на луѓето, „билдање“ на здравиот натпреварувачи дух, продуктивно поминато слободно време и создавање нови спомени. Друштвената игра е обид да се реанимира социјалниот живот, преку едукативна, хумана и забавна друштвена игра, која има за цел повторно да не соедини и да допринесе да поминеме убави и топли моменти заедно.
„Сведоци сме дека современата технологија, не само што не изолира од реалниот живот и меѓусебната физичка интеракција, туку во последно време е „меч со две оштрици“, особено за адолесцентите, кои поминуваат низ деликатен и бурен период во својот живот - пубертетот. Ова е горлив момент кога би сакале да ја степенуваме важноста на здравиот социјален процес и да ги реинженираме општествените вредности и верувања, особено во родителските домови. Идејата е да ги зближиме семејствата да поминат повеќе време во забава и дружење едни со други, и наедно, родителите да имаат можност да ги одалечат своите деца од телефоните и технологијата“, потенцира Левински.
Монопол Македонија ќе биде на продажба кон крајот на 2023 година. Ќе се организира голем настан за промовирање на дизајнот на македонското издание на Монопол.
Овој производ ќе биде достапен на различни локации, како трговски центри, книжарници и продавници за играчки низ цела Македонија.
„Ние како партнери на „Winning Moves“ ќе им овозможиме на македонските граѓани да гласаат за знаменитостите и културните споменици. Преку оваа кампања ќе ги вклучиме граѓаните да бидат дел од овој голем проект, бидејќи играта е за нив“, потенцираше Гега Хоџа.