Каратистите на „Макпетрол“ со пет медали на „Златен појас Чачак“

Скопје, 24 април 2023 - Две златни, едно сребрено и две бронзени одличја освоија членовите на карате клуб „Макпетрол“ на годинашното издание на турнирот „Златен појас Чачак“. На овој меѓународен собир учествуваа над 2.000 спортисти од 20 најдобри репрезентации, меѓу кои беа и тие на Франција, Шпанија, Турција, Словачка и на Унгарија. Скопската екипа се претстави со 11 индивидуалци, сите во дисциплината борби. Целта беше проверка и темпирање на формата пред Медитеранското првенство во мај во Тунис.

karatistite-na-makpetrol-so-pet-medali-na-zlaten-pojas-chachak-01.jpg

Стефан Стојановиќ (+84 кг.) освои две злата и во сениорска и во У21-категорија. Данило Божовиќ се закити со сребро во категоријата под 21 година. Со бронзени признанија се закитија Витомир Трајковски (-84 кг.) во сениорска и Димитар Лозановски (-75 кг.) во јуниорска конкуренција. На петтата позиција како сениори се пласираа: Петар Заборски (-75 кг.), Петар Спасеновски (-84 кг.), Викторија Јовановска (-61 кг.) и Давид Петков (-67 кг.).

- Овој турнир е најсилен европски собир во сениорска и во младинска конкуренција. Имаше извонредно квалитетна и бројна конкуренција. Целта ја остваривме во целост бидејќи направивме извонредна контрола и тоа во директни борби со многукратни светски и европски шампиони. Сите наши репрезентативци кои ќе настапат на претстојното Медитеранско првенство во Тунис, покажаа задоволителна спортска форма и во оваа спортска периодизација тоа беше нашата главна цел - истакнаа од карате клубот „Макпетрол“.

karatistite-na-makpetrol-so-pet-medali-na-zlaten-pojas-chachak-02.jpg

Златниот појас на Чачак го освои актуелниот светски вицешампион Стефан Стојановиќ. Тој беше најуспешен натпреварувач на турнирот бидејќи успеа во две возрасни категории да освои два златни медали. На интернационалното натпреварување Стојановиќ оствари девет последователни победи, стигна до финалето во две возрасни категории и освои два златни медали.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg