Стоп за сајбербулингот и говорот на омраза на интернет

Еден млад човек поминува најмалку една третина од своето слободно време на интернет, а дружењето во живо во голем процент е заменето со онлајн дружење. Кај нас, 88.3% од младите се на социјалните мрежи, а таму најмногу се случува онлајн насилство и говор на омраза. Според неодамнешното истражување на UReport дури 24% од младите барем еднаш се почувствувале небезбедно на интернет во последната година.

stop-za-sajberbulingot-i-govorot-na-omraza-na-internet-01.jpg

Оваа појава станува сè поприсутна во нашето општество, а честопати се случува да не забележиме како се одразува на младите луѓе, сè додека не е предоцна и последиците се непоправливи. Неретко децата и родителите не се сосема сигурни дали одредена појава е сајбербулинг, како треба и можат да реагираат и како соодветно да се заштитат.

Психолозите, педагозите и наставниците алармираат за предизвиците во онлајн културата и воспитувањето на децата и младите.

На оваа тема Директорот на ООУ Блаже Конески, м-р Виолета Ристовска вели:

„Сајбербулингот е присутен низ сите возрасти во раното, средното детство и во адолесценцијата. Најважни средства за справување се трите компоненти: детектирање, доверба и разговор. Тие компоненти се градат уште со првите контакти со учениците, односно потребно е да се создаде средина во училницата и во училиштето во која учениците ќе се чувствуваат пред сè безбедно и ќе можат да се доверат и да дискутираат на овие теми со наставникот, стручната служба и со директорот на училиштето.

Наставникот треба да ги следи учениците и да препознава врсничко насилство, исмејување, игнорирање и отфрлување. Сајбербулингот е глобален проблем во кој мора да се вклучат родителите, училиштата и останатите релевантни институции. Сите заедно да воспоставиме интеракција со учениците и воедно да апелираме децата помалку време да минуваат на интернет, а многу поголем дел од времето да имаат физичка активност.”

Навремено идентификување и пријавување

За се спречат онлајн омразата и недоличното однесување, треба да се идентификува насилникот и да се пријави. Исто така да се демонстрира во општеството дека тоа однесување е неприфатливо. Младите треба да се свесни дека заканувањата треба да се пријават во полиција или во службите за итни случаи во земјата каде што живеат или во моментот престојуваат. (овде треба да се посочи каде кај нас може да се пријави, треба инфо)

Децата и тинејџерите треба да се поттикнат да разговараат за овие појави со своите родители, без разлика што овие разговори не се едноставни. За некои деца и млади разговорот со родителите не е лесна задача. Но, тие треба да се едуцираат дека постојат работи што можат да ги направат за да им помогнат на своите родители да го сфатат разговорот и да го привлечат нивното внимание. Понекогаш, некои родители можеби на почетокот нема сериозно да го сфатат своето дете, понекогаш пак не се запознаени со технологијата доволно добро како нивното дете. Затоа треба да се зборува отворено на оваа тема и да се подигне свеста на младите, но и на нивните родители, старатели и наставници. Честопати младите луѓе и децата не се ни свесни дека се жртва на оваа појава, а во ретки случаи не се свесни ни дека самите тие креираат говор на омраза. Затоа информациите на оваа тема се исклучително важни да се актуелизираат во нашето општество. 

Улогата на младите во борбата против омразата на интернет

Граѓанската храброст е дијаметрално спротивна на апатијата и незнаењето. Младите треба да се охрабрат:

  • да пријават слика што е лажна на социјалните мрежи
  • да дадат поддршка на пријател или пријателка доколку се малтретирани на интернет поради својата различност.
  • да пријавуваат објави со говор на омраза на достапните апликации против сајбербулинг

Психолошките процеси што се вградени во храброста на еден млад човек да преземе чекори кога станува збор за сајбербулинг, имаат основа во неговиот морал. Првиот чекор е да се препознае појавата. Потоа лицето кое набљудува сајбербулинг мора да се чувствува одговорно да интервенира и да претпостави дека ги има потребните вештини за да го стори тоа. И конечно, ризиците на неговото одговорно однесување да бидат што помали, а придобивките што поголеми.

Но, најмногу од сè, за да почне да се случува промената, младите треба да се борат против омразата на интернет. Да истапат и да го осудат ваквото однесување!

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија објавуваат нов отворен повик до децата и младите да се вклучат во комуникациски иницијативи за справување со онлајн насилството и говорот на омраза на интернет.

Преку работилници за заедничко креирање со поддршка од професионалци од областа на комуникации, медиумска писменост, заштита на децата, како и стручњаци за нови технологии и креатори на мултимедијални содржини, децата и младите што ќе бидат одбрани преку овој отворен повик ќе се осврнат на проблемите, ќе научат како да се справат со нив и ќе создадат кампања за подигање на свеста на нивните врсници и на целата јавност.

Работилниците ќе се организираат во мај и на нив можат да се пријават сите млади на возраст од 14 до 19 години, со пополнување на следниот формулар.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg