Wine and Music Sessions во Аудиокултура
- Детали
- четврток, 20 април 2023
Вчеравечер во Аудиокултура се реализираше уште еден настан од заедничкиот концепт на Аудиокултура и Винарија Камник наречен „Wine and Music Sessions”.
Под мотото „Музиката соединува, виното инспирира” оваа втора сесија беше продолжение на замислата, преку неколку различни настани, да се долови суштинската врска помеѓу музичката и винската култура.
Вчерашното автентично патување меѓу овие две култури беше настан во кој беа вкрстени музиката, виното и поезијата. Широките рамки на вековните меѓусебни инспирации беа доловени преку музиката на Марко Виденовиќ во изведба на оркестар од Филхармонија и моќни поетски творби од Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Славко Јаневски во рецитал на Драгана Левенска.
Специфичниот амбиент и условите кои Аудиокултура ги има поставено како стандард за промоција на квалитетна музичка култура, беа одлична основа за збогатување на вечерта со компарација на различни вина од иста сорта грозје од палетата на Винарија Камник и доловување на нивните раскошни карактеристики.
Нов и специфичен настан од овој социјално-културен тренд кој го воспоставија Аудиокултура и Винарија Камник, ќе следи веќе идниот месец.
Пријатна атмосфера, музика, врвен звук и вино се основата на која ќе се изгради скалило плус за квалитетно урбано живеење.