Локални херои: Дечки од Виница 7-ма година по ред анонимно донираат под мотото „Велигден за сите“
- Детали
- вторник, 11 април 2023
Празниците би требало да бидат асоцијација за најубав дел од годината, иако за многу локални семејства се еден од најтешките. Под мотото „Велигден за сите“, неколку анонимни дечки од Виница седма година по ред организираат хуманитарни забави за да помогнат на ранлива група на сограѓани, колку што можат.
Нивната приказна започнува во 2016-та, кога сосема анонимно, без помош и медиумска поддршка, го организираат првиот настан во локално кафуле. Собраните средства (скромни, но значајни за повеќе семејства) ги наменуваат за пакети храна и ги доставуваат до ранлива група на сограѓани.
Оттогаш - традицијата започнува.
„Веруваме дека за донациите не треба да прашуваме: Зошто? и Од кого? Желбата да помогнеме е посилна од тоа некој да ни каже: Браво!
Од 2016-та до денес друштвото ни се подели во 5 земји, но ангажманот и целта ни останаа исти. Иако многумина пробуваат да нè убедат во спротивното, продолжуваме да веруваме дека сè уште останаа луѓе со хумана мисла и акција.“
Годинава, седми пат по ред, решија зборот да се прочуе малку подалеку, со надеж дека скромните донации ќе пораснат доволно за да ја покријат овогодинешната листа на социјално загрозени семејства од регионот, самохрани родители, луѓе со тешки болести, многудетни фамилии, инвалидски помагала и секаде каде што е потребна помош.
Забавата под мотото „Не можеме да помогнеме на сите, но секој може да помогне на некој“ оваа година е поделена на 3 локации, со различен музички репертоар и шанса секој да си одбере во која атмосфера сака да донира.
Отворени се и сметки за донација, за сите кои физички не можат да присуствуваат, а сакаат да помогнат:
Сметка за донација:
200000002017010
Црвен крст – Виница
Цел на дознака:
„Велигден за сите"
*Изразуваме огромна благодарност за сите кои секоја година нè поддржуваат и досега биле дел од овој настан.
За уште еден посреќен Велигден - Ве очекуваме!