Сокобања - Зеленото срце на Србија
- Детали
- четврток, 06 април 2023
Сокобања е синоним за недопрена природа, прекрасни пејсажи, бисерна река Моравица, две езера Врмџанско и Бованско, четири планини, а особено доминантниот Ртањ и пошумениот Озрен и извонредна клима.
Ова се повеќе од доволни причини што Сокобања од најраната историја, а особено во денешно време, во време на високо ниво на загаденост во урбаните средини, е една од најпопуларните дестинации меѓу љубителите на природата, добрата забава, релаксација и активни одмори. Во 2022 година Сокобања беше најпопуларната туристичка дестинација во Србија, со најголем број ноќевања.
Покрај тоа што е оаза на огромно зеленило, бујна природа, кристално чист воздух, планински извори, величествени градби, долга и богата историја и традиција, Сокобања е туристичко место во Србија со најдолго искуство во организиран туризам од 186 години.
Областа на Сокобања изобилува со вредни културно-историски споменици и сакрални објекти: пред се средновековната тврдина Сокоград, турската бања (Амам) од 15 век, цркви изградени во периодот од 11 до 19 век.
Иако низ историјата столбот на развојот на Сокобања бил здравствениот туризам, најголемиот број гости кои денес доаѓаат, тоа го прават поради нејзината магична природа, со цел активно да го поминат својот годишен одмор и да создадат несекојдневно искуство во здрава средина, искуство кое ќе се памети и создава желба повторно да се дојде.
Сокобања, првата еколошка општина во Србија, е рај за семејства, деловни луѓе и љубители на активни одмори. Шетачите уживаат во тишината на планините, додека планинарите, велосипедистите, кајакарите, едриличарите, рибарите, ловците и научниците се маѓепсани од живописните природни убавини. Младите луѓе ги привлекува бурниот ноќен живот и богатата забавна и уметничка програма. Сите кои доаѓаат уживаат во гастрономијата и специјалитетите од сокобањскиот регион.
Посетителите кои бараат авантура и возбуда, можат да се обидат во адреналински спортови како параглајдерство, едрење по езерото Бован, планинарење и планински велосипедизам, како би се ослободиле од „вишокот енергија“. За оние кои сакаат полесни активности, има аква парк со водени атракции и модерни спа центри со термална вода, возење квадови и велосипеди по патеки за таа намен на Озрен и Ртањ, како и кајакарење на езерото Бован. На љубителите на природата им се достапни 36 уредени излетнички места во несекојдневна природна средина, пешачки патеки во вкупна должина од 450 километри, видиковци, објекти за набљудување на природата, панорамски патишта и кардио патеки.
Повеќето туристички и природни атракции се наоѓаат во заштитени подрачја, во области богати со голем број растителни и животински видови, уникатни геоморфолошки форми и разни видови на лековити и ароматични растенија.
Каков и да одберат одмор посетителите, за кратко време поминато во Сокобања тие го опуштаат своето тело, го подобруваат своето здравје, ја подобруваат кондицијата и на тој начин се враќаат во секојдневието засилени со нова позитивна енергија.