Бошко Заборски од „Макпетрол“ е најтрофеен карате-тренер во Македонија
- Детали
- понеделник, 03 април 2023
Скопје, 3 април 2023 - Со вкупно освоени 84 медали на значајни европски и светски натпреварувања, Бошко Заборски од „Макпетрол“ е убедливо најуспешниот карате-тренер од осамостојувањето на Македонија до денес. Под негова палка се обезбедени 22 признанија од официјални европски и светски натпревари. Во клупска конкуренција, пак, спортистите на Заборски имаат освоено 62 одличја.
- Бројката на сите освоени медали од овој вид на натпревари е таа, но по тежина би ги издвоил Светските универзитетски медали кои се најблизу до официјалните постигнувања, ако ги додадеме и собереме сите заедно односно освоени 17 медали од Светски универзитетски првенства и 22 медали од официјалните првенства тогаш бројката е точно 39 медали, кои се рангираат како врвни спортски успеси - вели Заборски.
Како ги остваривте овие врвни достигнувања?
- Кога ќе се навратиме наназад во временскиот период, пред точно 20 години некако истовремено започна подемот, резултатите и будењето за македонското карате кое беше разнишано и сонливо. Почнаа да се надополнуваат резултатите кои ги постигавме и на официјалните и на универзитетските првенства. Репрезентацијата скоро секогаш беше истата затоа што сите тие во најголем број се и студенти. До моето превземање на селекторската функција Македонија немаше освоено сениорски медали од официјални европски и светски првенства.
Се зафативме за работа, имав голем предизвик и со програмата за работа која ја воведов, почнавме плански со систематска континуирана и макотрпна работа. По неполни две години ги освоивме првите сениорски медали од официјални европски првенства. Најнапред освоивме медали на Светските универзитетски првенства, а потоа истите спортисти почнаа да освојуваат медали и на официјалните репрезентативни настапи на европските и на светските првенства. Што се однесува до Универзитетскиот карате-спорт, многу години Светската карате федерација (WKF), во ранг-листата на бодирање на официјалната светска бодовна листа, со ист број бодови ги наградуваше освоените медали од Светско официјално првенство и од Светско универзитетско првенство, така што, нашите спортисти стекнуваа искуство и самодоверба со овие настапи и репрезентацијата стана препознатлива и успешна.
На сите овие универзитетски првенства, Вие бевте селектор и тренер на универзитетската репрезентација на Македонија. Што претставува за вас овој предизвик?
- Универзитетската Македонска карате-репрезентација ја водам од 2004 година и до денес со спортистите кои беа мои избраници заедно ги направивме и донесовме најголемите остварувања и успеси во машка и во женска конкуренција. Универзитетски селектор сум и на двете дисциплини, односно дисциплина борби и кати, но не сум тренер на дисциплината кати, и за неа се задолжени секогаш други тренери. Моја беше селекцијата и организацијата на ката-тимот што на Светското првенство на универзитетите во Вроцлав, Полска, успеа да го освои златниот медал, сите останати почести и признанија во делот на кати, и освоените медали се само на тренерите во дисциплината кати.
Какво е значењето на успесите постигнати под ваша тренерска палка?
- За македонските каратисти е најважно тоа што медалите од Светските универзитетски првенства се бодуваа исто како и од страна на светската карате федерација, односно, каратистот што ќе освои вакво признание добива титула од највисока вредност - „спортист од светска категорија“ од Агенцијата за млади и спорт (АМС). Со неа се добива и четиригодишна стипендија со висина од 50.000 евра. Карате федерацијата (КФРСМ) во досегашната историја од скоро 60 години, има 14 спортисти со титула од светска категорија, рангирани како такви од АМС.
Универзитетската карате федерација на Македонија има скоро иста бројка спортисти, поточно 13 стипендисти, на кои државата им даде признание на спортисти од светска категорија и ги награди. Со овој податок, како селектор, Универзитетската федерација на Македонија и нашиот главен спонзор, првенствено компанијата „Макпетрол“ за цело време, а на почетокот и „Макстил“, создадовме услови овие спортисти да останат временски подолго да се натпреваруваат и да освојуваат медали. Со самото тоа и КФРСМ стана една од најуспешните спортски федерации, а каратето стана спорт број еден во државата.
Вие како тренер и селектор, сте работеле и сте постигнале Врвни спортски резултати со сите македонски каратисти, кои се носители на титула од меѓународна и светска категорија. Кои се тие спортисти?
- Работев со сите македонски врвни каратисти. Голем број од тие, дури 16, со титула светска категорија и десет, спортисти од Меѓународна категорија и тоа скоро сите се членови на мојот матичен клуб „Макпетрол“. Некои од спортистите земале и по две и три медали и стипендии. Ако ги наброиме тоа се следниве спортисти со европски и светски медали: Петар Заборски, Наташа Илиевска, Симона Заборска, Сара Радичевска, Петар Спасеновски, Жарко Арсовски, Моника Пендаровска, Адурахим Идризи, Спасе Илиевски, Роберто Ацковски, Ангела Мојсовска, Глигор и Давид Петкови, Симон Антиќ, Стефан Стојановиќ, Витомир Трајковски, и други. Како селектор сум учествувал во освојување на медали со Иво Цветковски, Ардита Исени, Огнен Груевски, Сашко Арсовски, кои освоија медали од европски и светски натпревари.
Со Берат Јакупи, Емил Павлов, Мартин Несторовски имаме освоено медали и стипендии од универзитетските првенства. Учесник сум и во остварувањето други резултати и признанија, односно медали кои се освоени од повеќегодишно учество на Златната карате лига, подоцна Светската премиер лига, турнирите од серии А, настапи на светските купови, на медитерански, балкански и интернационални силни натпревари. Дури потоа се резултатите од учествата од Државните првенства. Секој освоен медал има своја тежина и сјај без разлика на какви натпревари е освоен.