Аплауз, смеа, љубопитни прашања, мудри одговори во полната сала на конференцијата „Чувари на мудроста“

Со денешната конференција ја постигнуваме најголемата вредност на кампањата Чувари на мудроста“, бидејќи денес на сцената имаме големи експерти со непроценливо животно искуство, мудрост и знаење, а во публиката, младите, кои се вистински жедни за од нив да научат – рече Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-01.jpg

(Скопје, 03.04.2023) - Со бурни аплаузи младите ги поздравија учесниците на првата конференција „Чувари на мудроста“ која во петокот се одржа во малата сала на Филхармонијата на РСМ, во организација на Халкбанк АД Скопје. Полно беше гледалиштето кое собира 300 посетители. Многу позитивна енергија, смеа, љубопитни прашања и интересни одговори добиваа присутните од панелистите  Никола Пановски, Симон Наумоски, Таки Фити, Благој Чоревски, Винка Саздова, Костадин Танчев Динка, Катерина Цаневска и Лилјана Грџо Дамовска. Конференцијата беше поделена на три теми – економија, култура и комуникации. Панелите ги модерираа новинарите Горан Теменугов и Сребра Ѓорѓијевска кои ги насочуваа говорниците да ги споделат своите животни искуства со младите, да им раскажуваат анегдоти од кои може да научат нешто, им даваа мудри совети.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-06.jpg

Присутните ги поздрави Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк.

- Со денешната конференција ја постигнуваме најголемата вредност на кампањата „Чувари на мудроста“, бидејќи денес на сцената имаме големи експерти со непроценливо животно искуство, мудрост и знаење, а во публиката, младите, кои се вистински жедни за од нив да научат. На овој начин правиме спој на двете исклучително важни генерации за нашето општество, а воедно и докажуваме дека годините никако не се пречка, туку извор на мудрост кој треба да го почитуваме – им порача Наумовска-Савеска на присутните.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-05_copy.jpg

Теменугов ја отвори конференцијата со академик Таки Фити, врвен економист, професор на Економскиот факултет во Скопје, поранешен претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Препознавајќи многу свои студенти во публиката Фити рече дека има многу дефиниции за мудроста. Мудри се оние луѓе што поседуваат длабоко знаење, способност за добро промислување, а особено значајно е искуството.

- Не постојат вистински претприемачи, ако тие не преземаат ризици. Но, тоа се пресметани ризици, не е ризик на коцкар. Затоа, бидете проактивни и свесни дека секоја професија има своја тежина. И читајте, многу читајте, постојано надградувајте се. Мудроста треба да се применува во секојдневното работење. Најважно од сè е да имате афинитет и љубов, да го сакате тоа што го студирате – им порача Фити на младите.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-09_copy.jpg

Симон Наумоски го раскажа својот животен пат, од школувањето во родниот Прилеп, преку студирањето на Технолошко-металуршкиот факултет и вработувањето во фабриката позната како Пиперана која прераснува во „Витаминка“, една од најуспешните компании во Македонија. Тој вели, кога ќе ги видиш проблемите си правиш сам концепт како да почнеш да ги решаваш. Затоа, многу е важно на секој факултет барем еден семестар да се изучуваат основи на економијата.

- Јас лутав низ светот за да купам идеја и да ја искористам во работата. Работев по 16-18 часа. Кога ќе ми зовриеше во глава, излегував и шетав низ полињата за да најдам решение за проблемот. Учете, многу да учите, од тоа зијан нема, и немојте никогаш со лаги да се служите – ѝ порача Наумоски на публиката.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-08_copy.jpg

Никола Пановски, микробиолог, борец за „Балкан без граници“ и политички активист рече дека во неговото семејство тешкиот пат го оделе неговите родители, кои во тешки услови успеале во животот и станале универзитетски професори. Сепак, има многу примери, каде тоа што го создале родителите, децата го уништиле.

- Јас сум првиот доктор во моето семејство. Сиот живот се борев, и сè уште се борам за правилно користење на антибиотиците. Во минатото тоа многу се злоупотребуваше. Во 2016 година успеавме да дојдеме до 50 отсто намалување на непотребното користење на антибиотици, но со ковидот нешата отидоа во неконтролиран правец. Како професор, студентите ми се пред сè. Сум бил и функционер кратко време. Важно е да знаете, ако сте на функција, бидете спремни утре да ја напуштите за да ја сочувате својата чест – рече Пановски.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-09_copy_copy.jpg

Чоревски, Саздова и Танчев ги понесоа младите во светот на културата. Ѓорѓијевска посочи дека иако се сите во пензија, активно работат секој на свето поле: Чоревски уште активно игра во претстави, Саздова пишува, а Танчев создава дизајн.

Саздова, една од најчитаните авторки кај нас, е основач на Издавачкиот центар ТРИ. По дипломирањето не можела да се вработи како психолог, па почнала како новинар во култура, продолжила во издавачка куќа додека не одлучила сама да почне свој бизнис во издаваштвото. Сите ѝ се чуделе зошто од сите удобности на големата компанија решила на почне од нула.

- Мене многу ми беше важна слободата. Без слобода, нема креација. Кога синовите пораснаа, го презедоа цел издавачки бизнис, а јас конечно можев да го правам тоа што најмногу сакам – да пишувам и да шетам по планините - рече Саздова и им порача на младите дека нема поинаков пат - сè се учи на своја кожа.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-04_copy_copy.jpg

Танчев-Динка раскажа како од Училиштето за применета уметност во Скопје продолжил на студии во Белград. Таму учествувал на осум конкурси и сите ги добил. Професор му бил Милош Ќириќ кој го постави концептот на визуелната уметност. Динка им порача на младите дека дизајнот е многу широк поим, има огромна примена.

- Јас отсекогаш бев многу тврдоглав, секогаш свој на своето. Не се сеќавам дека некогаш сум направил отстапки и секогаш сум давал само едно решение за нарачан дизајн. Денес нештата се поинакви. Неопходна ни е темелна реформа на образовниот систем. А дизајнот, тој е понижен, стана сервисна дејност – рече Динка, кој по завршувањето на панелот уште еден час разговараше со студентите пред Филхармонијата.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-02_copy.jpg

Чоревски, еден од најнаградуваните актери во историјата на македонскиот театар, вели додека го држи умот и телото, нема да престане да игра. Роден во актерско семејство, откако знае за себе, тој е дел од театарот. А за да бидеш глумец, треба Бог да ти даде, но не треба да оставите само на Бога.

- Ние живеевме во други времиња, имавме поинаква дисциплина. Сè уште одам во театар 1,5 час пред да почне претставата, проверувам сè, дали е на место. Улогата не се гради едноставно, нема тука лага, морате да влезете во неа. Младите секогаш ги поддржувам, но за да се нафатам да подготвувам некого, мора да постои талент. Страшно е да подготвуваш некого што не го бидува и да го внесеш во уметноста. Ќе му направите голема штета – рече тој.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-03_copy.jpg

На третиот панел Ѓорѓијевска и Теменугов разговараа со Цаневска и Дамовска за состојбите во новинарството и комуникациите денес. Панелот прерасна во интерактивен разговор со публиката, а младите се интересираа за принципите на новинарското работење, етиката, дезинформациите. Цаневска рече дека професијата воопшто не е едноставна и лесна, но ако го сакаат новинарството, да не се откажуваат на првиот предизвик.

Според Дамовска, професијата секогаш тежела, но адреналинот да се работи новинарство секогаш постоел. Двете направија споредба на работењето во оваа професија пред 20 години и денес и ги посоветуваа младите за вистинскиот правец за градење на нивната кариера како новинари, но и како следачи на информации и вести во денешното море на објави.

aplauz-smea-ljubopitni-prashanja-mudri-odgovori-vo-polnata-sala-na-konferencijata-chuvari-na-mudrosta-07_copy_copy.jpg

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg