Младите европски амбасадори ја поздравија финансиската помош од 80 милиони евра на ЕУ за земјава
- Детали
- петок, 24 март 2023
По соопштувањето на веста дека Северна Македонија доби неповратна финансиска помош од 80 милиони евра за справување со последиците од глобалната економска и енергетска криза, нашите млади европски амбасадори го поздравија овој потег на Европската унија. Платформата „Млади европски амбасадори“ е креативна мрежа на идни млади активисти од земјите од Западен Балкан, а дел од неа се и младите македонски активисти Иван Дургутов и Дамјан Златановски.
Во контекст на пакетот за финансиска помош во вредност од 80 милиони евра како поддршка во буџетот на Северна Македонија, младиот амбасадор Иван Дургутов вели дека обезбедената поддршка под слоганот „Енергијата нè поврзува“ е момент на заедништво, бидејќи ја истакнува можноста да обезбедиме повеќе наши сограѓани и домаќинства да си го ослободат дополнителниот товар од високите сметки за електрична енергија. Прашан за младинската визија околу приоритетите што треба да ги поставиме како држава на планот на енергетската политика, Дургутов вели:
„Би се фокусирал на тоа да се осигурам дека ќе нема ниту едно основно училиште што повеќе ќе се загрева нееколошки и енергетски неефикасно и ќе се потрудам да не постојат образовни објекти во земјава што сè уште ќе имаат ќумбиња како извор на топлина. Време е за крај на несоодветните инфраструктурни објекти и дотраените прозорци, врати, подови и оџаци“.
Имајќи предвид дека финансискиот пакет на Европската унија е дел од континуираната поддршка на земјава во клучните инвестиции во енергетиката, младиот амбасадор Дамјан Златановски смета дека нашата земја, како земјата на сонцето, ветровите и геотермалните потенцијали, има кохерентна предност да стане „зелен енергетски хаб“ и модел за одржлив развој.
„Звучи како идила, но реализацијата е можна со давање на бусолата на младите, инвестирањето во нив и во иновативните технологии, заштитата на природните ресурси, поддршката на поединците и компаниите за користење извори на чиста енергија и заедничкото редуцирање на зависноста од фосилни горива“, вели тој.
И двајцата се согласни дека нашата земја треба да се угледа на поразвиените европски земји, како што се Словенија и скандинавските земји, во имплементирањето на стратегиите за енергетска независност и ефикасност. Но, велат дека е потребно и да се свртиме назад кон сопственото минато, менувајќи ги своите навики. Така, според нив, треба да научиме од нашите прабаби и прадедовци кои и без интернет, хаштази и еко-работилници знаеле да се грижат за животната средина.