Уред кој „чита мисли“ и ги претвора во текст – им помага на парализираните луѓе да комуницираат непречено
Тим научници од Стенфорд развија технологија што им овозможува на парализираните луѓе кои ја изгубиле способноста за говор да комуницираат. Едноставно кажано, нивниот изум ги „чита“ мислите на една личност и ги претвора во текст.
Да нагласиме, не станува збор за буквално читање мисли, туку нивниот уред ја следи мозочната активност во делот одговорен за движењето на дланките и може да протолкува која буква сака да ја напише личноста.
Уредот бил тестиран на 65-годишен маж кој останал парализиран во 2007 година и ги изгубил екстремитетите.
Најпрво на мажот му биле имплантирани чипови во мозокот кои ја следат мозочната активност во делот одговорен за движењето на дланките. Потоа мажот си замислува дека пишува некоја буква, а чипот ја пренесува информацијата на компјутер.
Со цел чипот прецизно да препознава за која буква станува збор, мажот многупати замислувал како ја пишува секоја буква. Со текот на времето, уредот „учи“ кој мозочен сигнал се однесува на која буква.
„Сфативме дека мозокот ја задржува способноста да дава наредби за движење цела деценија откако телото ќе ја изгуби способноста да ги изведува тие движења“, вели Франк Вилет, научникот што го води проектот.
Односно, дури и откако телото ќе остане без екстремитети, мозокот може да дава сигнали за да се изврши некое движење со рацете или нозете. Уредот на Френк и неговите колеги ги детектира токму овие сигнали и ги претвора во текст.
Откако уредот научил кој сигнал е за која буква, мажот можел да „пишува“ и до 18 зборови во минута. Нормално, уредот не е совршен и прави грешки, но многу мали – по една грешка на 18 или 19 зборови.
Засега оваа технологија уште се усовршува, но наскоро може да им даде можност на луѓето со попреченост да комуницираат без никаков проблем.
„Кога пишуваме, можеме да напишеме и до 20 зборови во минута. Но кога зборуваме, кажуваме околу 125 зборови во минута. Ако ги комбинираме досегашните истражувања и технологии, можеме да им дадеме одлична можност на пациентите да комуницираат ефикасно“, вели Кришна Шеној кој работи на проектот.
Генијален изум, нели?
Спирова С. | Црнобело