Охрид во ритамот на Бетовеновите сонати

Топлите и пријатни охридски ноќи придружени со звуците на фестивалот „Охридско лето“ нудат посебно уживање за посетителите, а особено за љубителите на класичната музика.

ohrid-vo-ritamot-na-betovenovite-sonati-01.jpg

Многу причини ја прават оваа 2020 година посебна и различна од останатите, а една од нив е 250-годишнината од раѓањето на германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен, обележана со мини-концерти со изведби на неговите најпознати дела, на неколку локации во Охрид.

Музичкото наследство на Бетовен остави длабока трага на целата музичка сфера повеќе од 2 века, а неговите композиции и ден денес претставуваат пример за врвни и безвремени дела чиешто културно и историско значење е од непроценлива важност. Неговиот дух оваа година е присутен и на фестивалот „Охридско лето“ преку неговите композиции, истакнувајќи го како еден од најсјајните претставници на класичната музика.

Во чест на Бетовен, поставена е и инсталацијата од почетните ноти на „Ода на радоста“во центарот на Охрид, а празнувањето на легендарниот германски композитор ќе продолжи со три кратки концерти на отворено, на различни локации во градот.

Првиот од трите концерти, наречени „Магента сонати“ ќе се одржи на 28 август кај Долни Сарај, каде пијанистката Елена Атанасовска придружена само од верното пијано ќе ја изведе Бетовеновата „Месечева Соната“. Во наредните два дена, на 29 и 30 август, ќе се одржат уште два концерти: најпрво во дворот на Куќата на Робевци ќе настапи квартет, кој ќе изведе музика од Бетовен, а потоа во предворјето на Св. Софија пијанистката Марија Ѓошевска ќе ја отсвири неговата „Патетична Соната“. Сите три концерти ќе бидат бесплатни и отворени за публиката, а местата се ограничени заради целосно спроведување на протоколите за заштита од Ковид-19.

Овие активности се дел од европското празнување на 250-годишнината од раѓањето на Бетовен и во чест на 60 години „Охридско Лето“, два важни јубилеи за Македонски Телеком како традиционален долгогодишен пријател и поддржувач на фестивалот, но и како компанија која е дел од групацијата Дојче Телеком.

Поврзаноста помеѓу Дојче Телеком и Лудвиг ван Бетовен датира уште многу одамна. Родното место на Бетовен, германскиот град Бон, денес е познат како дом на седиштето на Дојче Телеком, a врската на композиторот со Охрид е токму фестивалот „Охридско лето“, чијшто долгогодишен генерален спонзор е Македонски Телеком.

Ако сакате да ги слушнете и да ги видите магента концертите, но во моментов не сте во Охрид, тоа можете да го направите на Facebook и Instagram профилите на Македонски Телеком, каде што ќе бидат пренесувани со livestream. А за сите оние кои периодов се во Охрид и сакаат да ја почувствуваат моќта на класичната музика во живо, им препорачуваме да ги посетат изведбите, да се придржуваат до мерките и препораките за јавно собирање, поради својата и туѓа безбедност, како и со цел зачувување на колективното здравје.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg