Во ноќниот клуб Станица 26 - Концерт на групата Морал заедно со пријателите

Во недела на 28 јануари, со почеток во 21 часот во ноќниот клуб „Станица 26“ во организација на „3Гонга“ концерт ќе одржи групата „Морал“. Оваа Градска сесија бр. 9 е насловена како „Морал со пријателите“. На концертот ќе бидат отсвирени песните од нивниот последен албум „Coffeine Blues“, но и сите нивни досегашни хитови од првите два албуми. На последниот албум се појавуваат и неколку значајни музички имиња – гости, како Слаткар, Тамара, Игор Џамбазов, Венко Серафимов, Димитар Божиков... а дел од нив се очекува да настапат и на престојниот концерт заедно со Морал. 

vo-nokniot-klub-stanica-26-koncert-na-grupata-moral-zaedno-so-prijatelite-01.jpg

Автор на речиси сите песни на овој современ хард рок бенд е Славчо Стојановски. Концертот во „Станица 26“ е замислен како типичен рок концерт со многу енергија и добра свирка.

„После долго време повторно ќе свириме во Скопје. Само посакувам сите поклоници на вистинскиот рок и на македонската музика да присуствуваат на овој концерт и да ни помогнат од овој настан да направиме свирка што ќе се памети“ вели Славчо.

vo-nokniot-klub-stanica-26-koncert-na-grupata-moral-zaedno-so-prijatelite-02.jpg

Инаку, групата „Морал“ ја формираше басистот Славчо Стојановски во 1983 година и набрзо по формирањето во првата постава на Морал стана член и гитаристот Венко Серафимов. Во тогашното студио на „Леб и Сол“ го снимија својот прв демо албум. Потоа, Димитар Божиков го менува Венко Серафимов на гитара, а на тапани влегува Сашо Ангелов, кој и денес е во групата. Со Џокси Васич како пеач, групата снима уште еден демо албум, а потоа со Орша Чунихин, кој го заменува Џокси на вокал снимени се десетина песни за МРТ. Оваа постава во 1994 година го сними и првиот официјален албум наречен „Морал“. Албумот и денес е задолжителна лектира за помладите поклоници на тешкиот рок.

За првата песна „Ти ме убиваш“ снимена со новиот гитарист Ивица Јорданов во 1998 година снимено е „on road” видео едно од ретките од жанрот на хард рок музиката, кое често се емитуваше на нашите телевизии. Во 2001 година во групата како вокал доаѓа тогашниот тинејџер Влатко Илиевски и оттогаш Морал е со истата постава. Сашо Ангелов на тапани, Ивица Јорданов гитара, Славчо Стојановски на бас и Влатко вокал.

Во 2004 година е издаден албумот „Кога патувам“ и со него групата освои и званични признанија како Златна Буба Мара и 12 Величествени.

Кулминација на тој период беше одличниот 45 минутен настап пред легендарните Deep Purple  во Скопје 2005 година. Последен настап на групата беше на „Scream rok“ фестивалот во Охрид заедно со Дивље Јагоде, Прљаво Казалиште и Ван Гог во 2011 година. Изминатите години снимани се нови песни во повеќе студија и при крај на минатата година во издание на „Gorila rekords“ објавен е последниот албум „Coffeine Blues“.

;

„Концертот ќе биде пред се промоција на новиот албум, каде што ќе ги отсвириме сите песни, кои заедно сме ги работеле. А покрај тоа ќе биде и концерт каде што ќе има и песни од изминатите 35 години од самите почетоци на Морал. Мене ми е драго што после долго време ќе свириме во Скопје и што Морал се уште ја има онаа хемија за добра жива свирка на сцена. Се надевам дека ова ќе биде празник за сите сетила и дека ќе направиме вистински македонски рок концерт“ вели Влатко, вокалист на бендот.

vo-nokniot-klub-stanica-26-koncert-na-grupata-moral-zaedno-so-prijatelite-03.jpg

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg