Голем предновогодишен хуманитарен базар со Бимилк во Веро Центар

Завршува тримесечниот проект „Собираме и ре-креираме со Бимилк“ за зачувување на животната средина.

golem-prednovogodisen-humanitaren-bazar-so-bimilk-vo-vero-centar-001.png

На 23 декември со почеток во 12 часот во Веро Центарот во Скопје ќе се одржи завршниот настан во рамките на големиот проект „Собираме и ре-креираме со Бимилк“, кој во изминативе 3 месеци се реализираше во повеќе градинки низ Македонија.

Настанот е од хуманитарен карактер и таму ќе бидат изложени предметите изработени од амбалажи Битолско млеко, кои дечињата во претходниов период ги изработуваа во своите градинки, а посетителите ќе имаат можност со нивно купување да донираат за СОС Детското село Македонија.

Всушност, покрај едукација за грижа за природата и создавање здрави навики преку консумација на млеко и млечни производи, токму хуманоста беше и крајната цел на овој голем проект во кој близу 2.000 деца од 8 градови низ Македонија, заедно со нивното омилено Битолско Чупе, учеа и за солидарноста кон оние што имаат помалку и како да си помагаат едни со други.

„Пресреќни сме што децата од сите градови што ги посетивме одлично ја прифатија оваа наша иницијатива и доколку успеавме барем до половината од нив да ја пренесеме нашата порака за негување на вистинските вредности – за нас мисијата е исполнета. Затоа, ги повикуваме сите што зедоа учество во овој проект, но и оние што сакаат да ги видат изработките на децата и да донираат за СОС Детското село, да нè посетат во сабота во Веро Центарот, да уживаат во празничната програма што ја подготвивме и заедно да ја покажеме хуманоста на дело“, изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер во Бимилк.

Инаку, за хуманитарниот базар е најавена богата предновогодишна програма во која главната улога ќе ја имаат Ивце Пивце и Битолското Чупе, меѓутоа предвидени се и многу игри, забава, претстави и награди за најмалите.

Токму во претпразничниот период, кога е време на подарување, споделување убави моменти и искрена солидарност кон децата, Битолска млекара и Веро ги покануваат сите заинтересирани што сакаат да ја покажат својата хуманост, да го дадат својот придонес кон СОС Детското село Македонија и да го поминат ова саботно попладне со многу забавни активности за целото семејство.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg