Спој на вкусови, идеи, креативност - Емин Џијан и „Neuland Sensorium“
- Детали
- среда, 06 декември 2017
Интересно, необично, несекојдневно, атрактивно, модерно, футуристично... Ова беа дел од коментарите на многубројните посетители во Културниот центар „Мала станица“, кои на 25 ноември вечерта присуствуваа на долгонајавуваниот настан „Neuland Sensorium“. Случување со разновидни содржини, а во фокусот на вниманието - концерт на оркестарот на Македонската филхармонија под водство на маестро Емин Џијан, чија музика ја допре новата звучна ера.
Всушност, се она што му претходеше на концертот, кој исто така невообичаено почна во 12 часот на полноќ, беше само исчекување на крајот - да се слушне музиката која во еден научно-фантастичен контекст не однесе на поинакво слушачко и чувствено ниво од она што претходно, особено во Скопје, сме го восприемале. Посетителите имаа можност да се движат низ лавиринтите на „Мала станица“ и да уживаат во некои од своите страсти, да испробуваат „звучни“ коктели, да се тетовираат, да гледаат атракција на миксање на коктели, да танцуваат на музиката која ја емитуваа неколку ди-џеи... Се до моментот кога неколку минути пред 12 часот, требаше да се упатат на горниот кат од Културниот центар и да почнат да уживаат во централниот настан - концертот на Македонската филхармонија.
Прво, интересно беше исчекувањето, да се чуе новата музика на Емин Џијан, уметникот за кој не треба посебна најава. Второ, необична беше поставката на музичарите кои поделени во групи ги запоседнаа сите простории од амбиентот и трето, првпат на ова поднебје, нивната жива изведба придружена со електрониката за која беше задолжен исто така самиот Џијан, сите ја слушаа на слушалки. Посетителите се движеа од просторија во просторија, гледајќи ги одблизу музичарите, впивајќи ја нивната изведба низ слушалките и танцувајќи на разновидната ритмика, а поставените видеобимови на ѕидовите ја надополнуваа и онака шареноликата атмосфера. И она што можеби за ваков тип на настан е најважно, беше уживањето и во врвната техничка продукција.
Иако Емин Џијан е познат на јавноста како композитор, во последниве неколку години и како диригент, како оркестратор, како екс хорнист во Македонската филхармонија и како поранешен член на неколку бендови, со зад себе многубројни настапи (особено забележителни концертите со Дерик Меј и надвор од земјава, или оние под отворено небо со Македонската филхармонија посветени на Дејвид Боуви и „Пинк Флојд“), ова беше негов прв солистички концерт. Негов авторски концерт повеќе, зашто овој пат ја играше двојната улога - како композитор на музиката и како диригент. Качен на подиум во посебна просторија, раководеше со електрониката и наедно ги водешe музичарите од оркестарот во една несекојдневна комуникација.
Музиката, мултикомплексна, во себе поседуваше од се по нешто - беше спој на акустика и електроника, проткаена со богатство од разновидни мелодии, некои од нив инспирирани од миксот на балканскиот фолклор, впечатлива и разновидна ритмичка пулсација што заедно со визуелните ефекти го доби предзнакот мултиформална и мултисодржинска. И токму затоа, секој посетител ја доживуваше различно, во зависност од местоположбата во која што се наоѓаше, или во зависност од тоа, што од она што како автор го понуди Емин Џијан, му се допаѓаше. Некои се воодушевуваа токму на таа сеопфатност - да ги вклучат сите сетила и целосно да му се препуштат на доживувањето, некои бараа скриени пораки, некои зборуваа за суштината на делото...
Се на се, овој спој на вкусови, на идеи, на креативност, на форми и содржини, на визуелното и звучното, на артифициелното и природното, содржан под името „Neuland Sensorium“ беше за поздравување. За ваков т.н. мултисензорен настан потребна е храброст, а токму тоа не му недостигаше на, како што некој го нарече „електричниот диригент“ Емин Џијан, да се втурне во нов предизвик, во една поинаква креативна авантура, а во истовреме да се испита пулсот на јавноста, со цел да се следи она што денес се смета за мејнстрим во културните случувања во големите европски центри.
(Т. И.)