Програма за Бела Ноќ 2016
- Детали
- понеделник, 26 септември 2016
Во сабота, 1ви октомври, ширум нашиот град, вашата Бела Ноќ по 12ти пат. Годинава, со “по/концентрирана” програма, насочена низ неколку точки во градот.
ГОЛЕМАТА изложба на американски ПОП АРТ, распослана на три страни во градот: Музејот на Град Скопје, Музејот на Современа Уметност, и Младинскиот културен центар - МКЦ. Повеќе од 100 графички дела, од шесте култни: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист.
Делата на поп-артистите пред сè упатуваат на потрошувачката култура, маркетингот и јавните гласила. Поп артот е инспириран од дадаизмот за да дозволи хуморот, иронијата и критиката да бидат дел од нивните дела како вид уметничка стратегија.
На Плоштадот Македонија, во 21:00 часот, француската спектакл трупа Compagnie des Quidams нè дочекува со нејзиниот последен звучно-светлосен перформанс.
Формирани 1994та год., од страна на Jean-Baptiste Duperray, Company des Quidams создадоа двоцифрен број претстави/спектакли со кои имаат гостувано во повеќе од 40тина држави на повеќе континенти. Company des Quidams ја сочинуваат над дваесетина уметници од театарот, музиката, циркусот, останати сценски изведувачки уметности... Во нашиот град, гостуваат прв пат со нивната последна продукциската претстава именувана “FierS à Cheval”.
Само 15тина минути по завршувањето на Compagnie des Quidams, во 22:00 часот, најавуваме уште еден “уличен” театарски перформанс.
Од Полска, со 30 метарска арка која претходно ќе плови по скопските улици, трупата TEATRU ÓSMEGO DNIA во 22:00 часот, ќе вплови на Плоштадот Македонија.
Перформансот - именуван “Арка“, нè потсетува дека денес, сè уште живееме во доба на бегалци, скитници, номади, кои патуваат низ континентите и си ги затоплуваат душите со спомените од домот, без разлика дали тој дом е духовен и/или етички, небесен и/или географски, реален и/или пак имагинарен.
Во Младинскиот Културен Центар:
- концерт на култната белградска група Дисциплина Кичме, по повод издавањето на новата плоча именувана „Опет“;
- швајцарските рокенрол/блуз/гараж херои Roy & the Devil's Motorcycle; и
- македонскиот инструментален пост рок квартет, Khara.
DeSonanz – фестивалот кој го помниме по вечерите посветени на модерната музика и мултимедијална уметност во Скопје го започнуваат новото издание на фестивалот во рамките на оваа Бела Ноќ, во Денсинг салата на МКЦ со настап на Kumo / Jono Podmore и Amplidyne Effect & Ogie.
Во Џебното Кино на МКЦ најавуваме одличен перформанс на големите јапонски уметници Yoshio Machida и Maiko Date насловен Sound is Body, Body is Sound.
Секако, филмскиот маратон под отворено небо во Градскиот парк, изложбите во Културно информативниот центар (в КИЦ, изложба на шокантниот словенечки автор Горан Берток) и Кочо Рацин… како и секогаш, ќе се дел и од оваа Бела ноќ.
На крајот, да не заборавиме:
- како и сиве единаесет години наназад, и годинава, влезот во Золошката градина од 12:00 до 18:00 часот ќе е бесплатен;
- возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19:00 часот до раните утрински часови, исто, ќе е бесплатно.