Шести ден Баскерфест во Скопје, артистите се вљубија во градот
- Детали
- среда, 15 јуни 2016
Веќе шести ден Скопје дише во ритамот на уличната уметност. Градскиот плоштад „Македонија“ е централното место каде што се одвива фестивалот „Баскерфест“ со секојдневни настапи на артисти од целиот свет.
„Оваа година имаме артисти од Аргентина, Бразил, Италија, Романија, Јапонија, Нов Зеланд, Америка, Германија. Тие веќе се како едно големо семејство, бидејќи за време на „Баскерфест“ постојано се заедно. Фестивалот освен што нуди забава за сите македонски посетители, привлекува и голем број туристи кои уживаат во театарот под отворено небо кој секојдневно од 19:00 до 00:00 се одвива на градскиот плоштад „Македонија“ во центарот на Скопје“ - изјавија од организацијата на фестивалот.
Артистите се воодушевени од Скопје. Велат дека одлично се забавуваат овде и дека највеќе им се допаѓа македонската гостопримливост.
„Македонија е прекрасна земја. Се заљубив во Скопје, луѓето овде се многу гостопримливи. Навистина убаво си поминувам додека настапувам тука. За мене аплаузот е најголема награда и доказ дека настапот бил успешен. Моите настапи се полни со магија, но и со хумор, сакам да ја засмејувам публиката. Сакам да се оженам овде, ве молам најдете ми убава македонска девојка“- низ смеа изјави Тепе Томоока кој настапува под псевдонимот „Перформер монк“
„Трет пат сум во Скопје и супер се забавувам. Многу ми се допаѓа големата фонтана на плоштадот каде што и ја изведувам мојата точка- „Сирена шоу“. Работам со големи меури од сапуница и ги поканувам сите македонци да дојдат и да го видат мојот атрактивен настап во фонтаната“- вели Мијоко од Токио.
„Правам одлично рокенрол шоу, кое многу им се допаѓа на луѓето, а и мене ми се допаѓаат луѓето овде. Воодушевен сум од Старата чаршија и Бит Пазар, имате најдобро еспресо кафе на светот. Атмосферата во Скопје е супер, повторно ќе се вратам овде иако ми е малку топло“- изјави Винил Брнс од Нов Зеланд.
Остануваат уште пет дена до крајот на фестивалот во Скопје, а потоа караванот продолжува и низ другите градови во Македонија, се до 13 јули.
Баскерфест 2016- позитивни вибрации во градот!