Голем хуманитарен гурмански пикник во Скопје
- Детали
- петок, 03 јуни 2016
Во недела, 5 јуни, со почеток од 12 часот во Градскиот парк во Скопје, зад споменикот Гоце Делчев, Советот на странските инвеститори при Стопанската комора Македонија организира голем хуманитарен пикник.
„Светскиот пикник“ се организира по повод 10 годишнината од постоењето на Советот, и со таа цел странските инвеститори во Македонија ќе се обидат да претстават дел од културата на земјите од каде потекнуваат преку најавтентичните рецепти од нивните национални кујни.
Странските инвеститори при Советот кои доаѓаат од САД, Австрија, Англија, Грција, Белгија, Турција, Италија, Швајцарија, Франција, Холандија и Германија ќе се обидат да приредат вистинско гастрономско патување на посетителите во Градскиот парк.
Настанот е отворен за сите посетители, а поради хуманитарниот карактер на настанот, храната ќе се послужува за симболична цена од 100 денари.
Собраните средства ќе бидат донирани за потребите на народните кујни во Македонија. За цената на билетот, секој посетител ќе добие можност да вкуси автентично главно јадење, десерт и пијалак.
Денот ќе биде збогатен и со содржини за целото семејство, со многу музика и забава, а за децата предвидени се едукативни и интерактивни игри.