Голем хуманитарен настан со светскиот мотивационен говорник Ник Вујичиќ
- Детали
- вторник, 15 март 2016
На 16 април, во ВИП Арената на СРЦ „Борис Трајковски“, со свој мотивационен говор ќе се претстави големиот светски хуманист и говорник Ник Вујичиќ, човекот кој со својата неверојатна животна приказна, харизматичен лик и со длабока верба во Бога успеа да ги допре срцата на милионите фанови ширум светот ширејќи огромна верба и волја која им помогна на многу луѓе да го трансформираат својот поглед кон животот и светот.
Овој исклучителен говорник е роден австралијанец, со српско потекло чиј недостаток на рацете и нозете е резултат на ретката вродена аномалија наречена тетра-амелија синдром. Неговиот вроден физички недостаток го става во животот пред сериозни предизвици со кои успева да се избори и денес тој несебично го споделува своето животно искуство и станува инспирација за милиони луѓе ширум светот. Според Ник победата за време на долгогодишната борба со препреките пред кои бил ставен е резултат на силата и страста за животот како и силната верба во Бога. Преку својата цврста волја и шармантен хумор во последните 15 години успева на своите говори да мобилизира огромен број на фанови.
Овој 32-годишен мотивационен говорник во моментов го обиколува светот, зборувајќи пред преполни стадиони со 100 000 фанови, дел е од состаноци на светските лидери и пишува книги кои се продаваат со неверојатна леснотија и брзина.
Неговото детство било многу тешко и морал да се справува со типични предизвици кое го носи адолесценцијата, па така често запаѓал во длабоки депресии и осаменост. Поради својот инвалидитет тој се запрашувал зошто не е како другите деца, и го обременувале прашањата за целта на животот. Во овие премрежја најголемата поддршка ја добил од своето семејство па затоа во своите говори Ник ја истакнува важноста на родителството во раното детство и важноста да се надмине безнадежноста. „Волјата е движечка сила за да ги оствариме нашите големи соништа, и доколку не ни се случи чудо во животот, ние секогаш можеме да бидеме чудото во очите на некој друг“, вели Ник.
Гостувањето во Скопје е дел од неговата светска турнеја и за него таа е од големо значење, имајќи го во предвид неговото потекло. За таа цел посетата нема да биде сведена само на мотивациониот говор туку ќе му биде дадена една поширок хумана димензија заедно со „Центарот за поттик на креативни потфати“, кои се воедно и главни организатори на настанот по иницијатива на г. Искра Донева од име на Град Скопје и нејзината организација „Нова Искра“ како и евангелско-протестантските цркви во Македонија.
Собраните средства од билетите ќе бидат комплетно донирани во хуманитарни цели односно за опремување на салата за лицата со посебни потреби.
Билетите се веќе пуштени во продажба и ќе може да се набават по цена од: 100/200/300/1000 денари во зависност од местоположбата на седиштето, а можат да се купат онлајн и во нивната продажна мрежа ширум Македонија.
За повеќе информации во врска со настанот можете да ја посеттие и веб страницатa.