Препорачуваме: Изложба на тема „Celebrate Life“
- Детали
- среда, 12 декември 2012
Дела од тринаесет македонски графички дизајнери утревечер (четврток, 13 декември) ќе бидат претставени на изложбата Celebrate Life: Секојдневие.
Таа ќе биде отворена во 20 часот во галеријата "Јавна соба" (Public Room), што се наоѓа над Orient Express во Дебар Маало.
Освен од иницијаторот Горан Костовски - ind.o.g, присутните ќе можат да погледнат креации и од Јана Мишева, Никола Војнов, Ана Матовска, Руки, Таби Азири, Ване Костуранов, Мики Стефановски, Милан Стојанов, Коста Стаматовски, Небојша Гелевски, Еми Ермилова и Дејан Ханџиски.
Костовски открива дека овој проект е инспириран од неговото самостојно претставување во јуни годинава, што вклучуваше 20 дигитални графики насловени како I, The Person.
- Она за кое што творам во овој проект наиде на многу позитивни и искрени реакции. Така одлучив сето ова да се развива на ниво на платформа која што ќе се занимава со графички дизајн, нови медиуми, работилници и секакви фини нешта. Во агендата, покрај скромната донација, на ред дојде и организирањето изложба со македонски графички дизајнери. Изборот за првата изложба дојде по селекција на луѓе кои што се квалитетни професионалци - вели Индог.
Тој истакнува дека приказната за Celebrate Life почнала летово, кога по 10 години повторно продуцирал маици со цел да собере буџет за помош на бездомни животни. Пред да навлезе во светот на маркетинг-агенциите и адвертајзингот, Костовски рачно цртал маици. И во тој период, а и сега, освен редовната дневна работа, тој вели дека има потреба да се изразува и во други медиуми и форми. На таа линија се споиле со останатите дизајнери, кои се потписници на постери со препознатлив стил.
- Некои од нив имаат долгогодишно искуство во браншата, но за жал, поради своите дневни ангажмани (не сите од нив) досега немале време да создаваат дела надвор од своите дневни ангажмани. Ценетите колеги добија задача да размислуваат на тема Celebrate Life. Решенијата се повеќе од одлични и навистина сум среќен што сите се искрени и ја шират пораката на позитивната мисла. Стилски сите се различни и посебни што ги прави многу интересни, возбудливи и весели - истакнува Костовски.
Индог нагласува дека целта на оваа платформа ќе биде промовирање нови остварувања и млади таленти, како и организирање следни изложби и работилници. Утрешното отворање во "Јавна соба" ќе има и музичка програма, која што ќе ја подготви диџеј Bazel. Со цел собирање средства за развивање на платформата, посетителите ќе имаат можност со донација да поседуваат беџови со дела од изложбата.