Македонскиот филм „Бизнисот на задоволството“ почна да се прикажува во кината низ земјава
- Детали
- понеделник, 23 септември 2024
Со свечена кинопремиера и три проекции во „Синеплекс“ почна прикажувањето на еден од најнaградуваните македонски филмoви „Бизнисот на задоволството“, на режисерот, Гоце Цветановски.
Филмскиот настан ја соедини на едно место екипата на политичкиот трилер, а по проекцијата на коктел забава присутните гости ги собираа впечатоците.
Режисерот Гоце Цветановски ги повика сите љубители на филмот да го проследат неговото дело кое што отвора една деликатна тема како што е присилната проституција, а во фокусот се корупцијата и трулоста на целиот систем.
„Како режисер сум премногу задоволен од приемот на публиката на првите проекции. Коментарите се дека сме направиле филм кој се разликува од се' останато што досега е направено во Македонија и ме радува што многумина искоментираа дека е храбар и задира чувствителни теми. Повеќе не би коментирал, ги повикувам сите љубители на филмот да дојдат во кино и да видат за што станува збор, па заедно ќе дебатираме. Веќе е на редовниот репертоар и се прикажува секој ден“, рече Цветановски.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот почна со проекции и во другите градови низ Македонија.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.