Се одржа „Coffe with Maya Live“ - настан за личен развој и надминување на промените во животот
- Детали
- вторник, 20 јуни 2023
Неодамна во Хотел Русија се одржа еден уникатен настан во живо, Coffee with Maya Live на кој присуствуваа 70 луѓе.
За настанот и повеќе информации околу тоа како може да се приклучите на оваа група ни раскажува Маја Стојчевски:
„Впечатоците ми се силни поради тоа што оваа заедница ја градев внимателно и пополека. Велам внимателно затоа што воопшто не ми е важен квантитетот туку квалитетот на друштвото што се собира на Coffee with Maya. Нема во нашата група хејтери, злонамерни коментари ниту исмевање.
Владее атмосфера на почит, личен раст и желба за едукација за како да се изградат подобри навики, да се биде успешен и како да се преземе контрола врз животот воопшто.
Групата на македонски јазик ја започнав пред две години. Еднаш месечно на Зум имаме средба од еден час на кој држам предавање на некоја од следниве теми:
- справување со тешки и токсични луѓе.
- одржување на мотивација
- градење корисни навики
- тајм менаџмент
- надминување на негативните промени во животот
- зошто е важен личниот раст и развој
- партнерски односи
- баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот
- пари и зошто околу нив има толкава стигма
- и многу други теми.
До сега одржавме 59 Coffee with Maya средби и продолжуваме и понатаму.
Тие средби се бесплатни и за да се добие покана потребно е само да ми пишат на Инстаграм или Фејсбук.
За оние што прв пат слушаат за мене, живеам во Германија скоро 8 години. Таму се преселивме со сопругот и ќерката Јоана која повеќе не е физички со нас.
Додека наоѓав начин да се справам во родителството на дете со здравствени предизвици многу работев на себе. Тоа донесе видливи резултати и мојата лична трансформација стана забележлива.
На наговарање на луѓето околу мене почнав да нудам помош на други посебни родители кои се' уште беа заглавени во негативни емоции на тага, страв и очај поради состојбата на нивните деца.
Го прифатив тој предизвик и започнав да работам со прекрасни луѓе користејќи коучинг како алатка, но и советување и менторство кога тоа им беше потребно.
По заминувањето на Јоана и периодот кој што си го земав за да зацелам, ја продолжив мојата работа и го започнав проектот Coffee with Maya.
Но тогаш, привлечени од мојата приказна која ја раскажав на мојот Јутуб канал почнаа да ми приоѓаат луѓе кои воопшто немаат предизвик кој се вика посебни потреби, туку се заинтересирани за личен раст и развој и менување на своите навики.
Тие ми велеа: Маја, ова не се совети само за посебни родители, туку општо за сите. И така и тие почнаа да добиваат покани за Coffee with Maya.
Денес работам трансформациски коучинг и им помагам на моите клиенти да стекнат корисни навики, да ја ојачаат дисциплината, да престанат да планираат за утре и да почнат да ги прават работите сега.
Им помагам да поминат полесно низ поголеми животни транзиции како губење на блиска личност, разделба, финансиски потешкотии, менување професија или започнување на бизнис и сето она што спаѓа во категоријата на излегување од зона на комфорот.
Кога објавив дека ќе организираме предавање во траење од час и половина во Скопје наидов на големо воодушевување во групата. Многу брзо се' се случи од идеја до реализација, а тригерот за тоа беше моја непланирана посета во Скопје.
На настанот зборував на следниве теми:
- Како да се надминат негативните промени во животот и поголемите разочарувања?
- Кое е значењето на личен раст и развој?
- Различни дефиниции на успехот и како секој да си ја најде својата.
Многу сум благодарна на ова искуство, посебно затоа што сите членови на групата покажаа интерес за дружба, затоа што ме испочитуваа и дојдоа на средбата на време. Благодарна сум и затоа што дојдоа отворени да слушнат една поинаква перспектива и поставуваа убави прашања во делот за дискусија. Дојдоа отворени, со прекрасна позитивна енергија и расположени за меѓусебно запознавање и дружба.
Сега имам мотив да размислувам на слични проекти и онлајн и во живо.
И да напоменам, членството во оваа група е бесплатно. Добредојдени се сите што сакаат да уживаат во сето она што го спомнав погоре и да видат дека има и ФБ групи кои се корисни, едукативни и каде што никој никого не навредува.“
Повеќе инфо можете да најдете во интервјуто со Маја.