Млади момци од Битола за снимањето албум: „Имаше многу пречки, немавме возачки дозволи – тешко наоѓавме превоз до студио“
Misanthrope е македонски треш метал бенд основан од битолчанецот Антон Китос. Антон имал само 14 години кога го основал бендот, а од основањето во 2016-та, талентираните момци имаат настапувано на фестивали во Македонија и Софија, имаат победено на гитаријада, а сега издадоа и нов албум.
Снимањето албум може да биде вистински предизвик, а момците од Misanthrope можеби најдобро го знаат тоа. Тие почнале со снимање на новиот албум пред речиси три години, а пандемијата значително им го отежнала целиот процес.
Како што вели Антон, албумот им бил готов пред две години, но пандемијата не им дозволила да прават промоции, па биле присилени да го одложат издавањето.
фото: Иво Велчевски
Друг проблем бил и возраста на музичарите – сите имале едвај 16 години и немале возачка дозвола, па им било тешко да најдат превоз до студио и назад.
Но и покрај сите препреки, љубовта кон музиката на Антон, Бојан Анакиевски, Стефан Ѓуровски и Андреј Петровски ги натерала да не се откажат и сега конечно можат да се пофалат со нов албум.
„Инспирација за да креираме наша музика беше преголемата желба да се постигне успех и нешто несекојдневно за македонската метал сцена“, вели Антон.
фото: Стефан Рајхл
Антон открива дека целиот бенд работел на музиката, додека текстовите се лично негови.
„Темите кои се обработени во песните се најголемите катастрофи и злодела од страна на човекот кои се случиле во историјата. Јас во тоа време ги гледав како голема инспирација и поттик за да ги искажам во нашата музика“.
Антон вели дека, за жал, немаат настапувано од февруари минатата година, но се надева дека набрзо ќе имаат можност да го променат тоа.
„Се надеваме за брзо ќе можеме да направиме промоција на албумот и да свириме во неколку градови низ Македонија, а може и пошироко“.
Спирова С. | Црнобело