„Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, одлучив да правам музика“ - Влатко Стефановски со нов албум посветен на неговата населба Тафталиџе
Новиот албум на Влатко Стефановски – Taftalidze Shuffle со кој ја продолжува успешната соработка со најголемата дискографска куќа во регионот – Croatia Records, ќе биде објавен овој петок, 20-ти ноември.
Станува збор за едно од најисчекуваните музички изданија во 2020-та година, не само во Македонија, туку и во целиот регион, кое минатата недела со синглот Огледало и тоа како ја заинтригира јавноста на овие простори.
На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното Трио. Во нова ритам секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани. Иако се млади, звучат со полн ентузијазам и шират оптимизам и енергија.
И овој албум, како и сите соло-проекти на Стефановски, Влатко му го има посветено на својот град, нашето единствено Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало... Затоа песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому, заради сензибилитетот кој го носи музиката на Влатко Стефановски.
Албумот Taftalidze Shuffle е создаван во периодот од јануари до октомври 2020-та, а текстовите се пишувани во од април до јуни, оваа специфична и чудна 2020 година.
„Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот“, открива Влатко, зборувајќи за својот креативен процес.
Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работеше во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски.
На албумот има и многубројни гости, кои уште повеќе ја оплеменија музиката и стиховите на Стефановски. Најбројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов.
Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба. Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив.
Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветовски.
Taftalidze Shuffle претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморија на слушателот.
Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора.
Освен на компакт-диск, Taftalidze Shuffle на Влатко Стефановски кон крајот на декември Croatia Records ќе го објави и на винил.