Зошто е денешната поп музика толку лоша?
Појавата и ширењето на т.н популарна музика во средината на минатиот век го смени светот во кој живееме. Музичарите го критикуваа општеството, а нивните обожаватели водеа културни револуции. Денешната поп музика е поинаква, како што и денешниве поп ѕвезди прават хитови кои, многу често, не зборуваат за ништо конкретно.
Многу истражувачи веруваат дека бесмислените текстови на популарните песни не се резултат на спонтани промени во општеството, туку се само една од причините зошто живееме полошо. Само пред десет години текстовите од песните кои се наоѓаа на топ-листите беа на многу ниско интелектуално ниво. Зошто се случува ова и зошто е денешната поп музика толку лоша?
Музичарите повеќе не се оние кои ги пишуваат песните, туку зад нив стојат исти автори и продуценти. Повеќето од песните на топ-листите се дело на само четири продуценти, додека со помош на компјутерските алгоритми се открива кои песни можат да станат хит. Можеби затоа многу поп песни звучат слично.
Поп песните често немаат инструменти, наместо нив се користат компјутеризирани ноти, кои се повторуваат. Со ова, на некој начин се губи „душата“ на музиката, што се чувствува со отсуство на емоционално свирење на инструмент. Ова е уште еден доказ дека технологијата нè убива, бидејќи секој очекува машината да ја заврши неговата работа.
Втор проблем во популарната музика е чест недостаток на креативност. Во музиката на 60-тите, 70-тите и 80-тите години секој музичар имаше свој стил и секоја песна беше поинаква. Мелодиите, хармониите, инструментите и вокалите се вклопува заедно како огромна загатка при што се создаваше нешто необично и уникатно.
Во денешната поп музика не постои повеќе креативност. Секоја песна личи на друга песна. Порано сите сакаа да звучат поинаку, денес секој сака да звучи како сите други.
Зошто сè звучи исто? Една од клучните алатки кои се користат во создавање на поп музика се: користење на четири акорди или „Millennial Whoop“. „Millennial Whoop“ е препознатлив звук кој често можете да го слушнете во познатите песни.
Постојат и работи кои се неспорен факт, како тенденцијата на денешните музички продуценти да го погласнат сигналот до максимум, за да ја направат песната погласна. Од една страна, добиваме погласна песна, а од друга ја губиме динамиката на звукот, што предизвикува замор и сите песни почнуваат да звучат исто во еден момент.
Дали сте слушнале за Макс Мартин, шведскиот создавач на хитови кој од деведесеттите години наваму создаде бројни хит песни? Тој и неговиот тим на продуценти (од кои е најуспешен Лукас Готвалд, познат како Dr. Luke) и композитори во моментот веројатно имаат најмалку пет песни, кои се во првите топ-тен листи.
Кога само неколку личности се задолжени за создавање на поп хитови, најверојатно песните, од време на време, ќе потсетуваат една на друга.
Порано било многу потешко да се сними албум и не можел секој да успее. Денес е уште потешко да се создаде ѕвезда, бидејќи пазарот е немилосрден, а продажбата на албумите има драстичен пад.
Но наместо да се најде навистина талентирана личност, парите се вложуваат во умерено талентирани и убави мажи и жени, а потоа почнува „перење на мозоци“. Не, ова не е некоја теорија на заговор. Процесот е всушност едноставен.
Новите песни се форсираат на радио, на YouTube, на Facebook, во филмовите, во продавниците, во рекламите и сл. Секако, не може секоја песна да стане хит. Она што го прават музичките продуценти е форсирање на песните со помош на психолошките ефекти. Правилото е следно: доколку слушнете нешто повеќе пати, истото ќе почне да ви се допаѓа, а ефектот ќе стане посилен со секое ново слушање.
Дали некогаш некоја песна не ви се допаднала при прво слушање, но после некое време ви стана омилена?
Музичката индустрија стана многу поразновидна од порано и денес е многу лесно да се пронајдат оригиналните музичари кои прават одлична музика. Наместо да го губиме времето на она што е на врвот на топ-листите, треба да се запрашаме зошто, покрај толкава неисцрпна ризница на квалитетна музика, сè уште зборуваме за квалитетот на најпопуларните десет песни?
Ашера | Црнобело