„Фенсерот“, фолкерот, панкерите и другите дежурни на секој музички фестивал
Музичките фестивали се секогаш одлично потрошено време. Тие се преполни со најразлични луѓе и случувања, па тешко е да не си поминете лудо и незаборавно.
Некои одат поради програмата, други поради дружбата, а по повод Д Фестивал кој се одржуваше викендов во Дојран, да се потсетиме кои се најчестите стереотипи на луѓе на ваквите манифестации.
Волонтерот – За разлика од другите колеги волонтери, овој човек нашол начин како да го провали системот. Тој со минимален труд успева да ја сработи својата задача, па остатокот од вечерта го поминува забавувајќи се со пријателите.
Групата панкери – Всушност не се панкери, туку луѓе кои мислат дека се. Единствено нешто што знаат за панк музиката е дека на неа треба да се „шутка“, па на сите можни бендови и жанрови, пробуваат да се „шуткаат“ и да направат колку што може поголема турканица.
Пијаниот – Секако дека прв на оваа листа мора да биде процентуално најзастапениот лик. Ова е секој втор на секој фестивал. Тој е другар со сите, и најчесто извикува реченици кои немаат смисла кон бендот.
„Изгасениот“ – На колку ли фестивали сме виделе човек кој стои/седи/лежи и не реагира со часови. Ова според многумина е наредната фаза од пијанството на „пијаниот“.
Заспаниот – Кога „пијаниот“ ќе ја помине фазата на „изгасениот“, тој стигнува до неговата конечна форма „заспаниот“. Ова е човек кој може да се најде како спие било каде... буквално било каде.
Најчесто спие во невозможна позиција која што дури ни врвните јога мајстори не можат да ја изведат.
Хипи парот – Не е важно за каков фестивал станува збор, хипи парот мора да биде составен дел од него. Со карактеристичен аутфит од '80-тите и малку повеќе недозволени билки од дозволеното, овие луѓе изгледаат како да се забавуваат на било која музика во било кое време.
Познатата личност од „подземјето“ – На секој, ама на баш секој фестивал, мора да има барем една позната личност од „подземјето“, која ќе го привлече вниманието на околните обожаватели.
Најчесто пробува да остави впечаток на кул пијаница, со цел да се вклопи во атмосферата, па идната вечер дава сѐ од себе да ги избегне луѓето со кои седел претходната вечер.
Фенсерот – „Фенси“ стајлингот на далеку свети, па така, овој лик е тешко да се пропушти. Се гледа дека е дојден само за да го видат и за да стави „Story“ на својот ФБ или Инста профил, каде што изгледа како редовен посетител на ваквите настани.
Вистината е дека тој нема претстава што се случува околу него, и повеќето од артистите на фестивалот не знае ни како се викаат.
Фолкерот – Ако некој повеќе отстапува од „фенсерот“, тоа секако мора да биде „фолкерот“. Освен на фестивалите каде што преовладува народната музика, каде што тој царува.
Сепак, поради тоа што името на некој бенд му звучело како да свири „негова“ музика, или поради тоа што другарите го натерале, тој се решил да дојде. Неговата збунетост е забележителна и од авион, а високо кренатите показалци во воздухот, воопшто не му помагаат.
Потомокот на древните племиња – Колку често се случува да отидете на фестивал, а во ваша непосредна близина да има огромен човек без маица, со големи брада и коса, кој не престанува да урла.
Најчесто на луѓето околу него ова однесување им пречи, меѓутоа физичките карактеристики на овој човек не може лесно да се занемарат, па така единственото „чаре“ е да се тргнете од таму и да најдете некое место поблиску до „изгасениот“, „заспаниот“ или „хипи парот“.
Металците – Одите на музички фестивал, и одеднаш добивате чувство како околу вас да се снима новата сезона на „Викинзи“. Тоа е во голема мера поради групата металци во вашата близина.
Нивната ноншалантност е тешко занемарлива, а нивното однесување може да варира од дивјачко до најпримерно, во зависност од музиката која оди во позадина.
еНВи | Црнобело